Аудио Dunja Dacic - Dojo_fotograf Branko Starcevic

22 јули, 2014

Српската кантавторка Доџо го објави своето деби издание „Endings“

Српската кантавторка Дуња Дачиќ прв пат се качи на сцената како Доџо (DOJO) во октомври 2013 година. Тоа беше моментот кога регионалната музичка сцена започна да добива сосема нови бои, преку комплексни но питки тонови, мелодии кои ги будат сите сетила. Како палета Доџо користи гитара, синтисајзер и семплови, а магичната звучна слика ја креира со гласот кој обзема.

 „Доџо твори музика која е длабоко лична, главно лоу-фај, а често и потполно филмска – вам ви останува ’само’ да одберете филм… Со својата гитара, глас и мешавина на звуци од природата, Доџо се обидува да го креира амбиентот на одамна заборавената врска со природата, а електрониката е тука да го засили влијанието на модерното врз нашиот секојдневен живот“, вака ја опишува Иван Лончаревиќ за Поп Депресија.

Настапувајќи најчесто како специјална гостинка на групата „Ти“, Доџо за кратко време успеа да ја шармира публиката, пред сè со својата сензуалност и специфичен стил. Доџо е и Пи-Џеј Харви и Том Јорк и „Бет фор лешис“ и Пети Смит и Филип Глас и „Масив атак“, а сепак Дуња Дачиќ!

Нејзиното прво ЕП издание го носи насловот „Endings“. Преку три песни, „Endings“, „Willows Bay“ и „Lost One“, кои се достапни и за бесплатно симнување, Дуња Дачиќ слушателите ги води во сосема нова музичка димензија, на патување проткаено со длабоки емоции.

Сите љубители на свежиот и поинаков звук на Доџо ќе имаат можност да уживаат со нејзината музика на 24 јули во Куманово, на 25 јули во Скопје, 26 јули во Струга и 27 јули во Охрид. Следете ја Доџо на facebook.com/dojodunja, twitter.com/dojodunjaа нејзината музика можете да ја слушнете и преземете на dojod.bandcamp.com.

Насловна фотографија: Бранко Старчевиќ



Врати се горе ↑