Свет eurovision 2014

29 ноември, 2013

Србија и Бугарија без свои претставници на Евросонг 2014

Бројот на земји учеснички на 59-тото издание на музичкиот натпревар Евровизија кое следната година ќе се одржи во Копенхаген, Данска, постојано варира. Бројот на земји кои го откажаа своето учество во септември изнесуваше 6, сега е намален на 4, но сè уште се очекуваат официјални потврди уште од неколку земји. Иако беше најавено дека Босна и Херцеговина нема да испрати свој претставник, според последните информации оваа земја неодамна го потврди своето учество.

Од останатите балкански земји, познато е дека нема да учествува Хрватска, а деновиве своето отсуство го потврдија и нашите соседи Србија и Бугарија. Националните сервиси БНТ и СРТ во своите соопшенија информираа дека нема да пратат свои претставници поради финансиски причини. Нашиот јужен сосед деновиве испрати апликација за учество, но конечната одлука ќе се знае во декември. Во текот на следниот месец својата официјална одлука ќе ја донесе и Словенија, а своите пресметки до тогаш ќе ги направи и Полска.

За сега официјалната бројка на земји учеснички е 35, а познати се само претставниците на Австрија, Холандија, Црна Гора, Македонија и Сан Марино. Австискиот претставник е трансвеститот Кончита Вурст, неодамна беше откриено дека Црна Гора ќе ја претставува Сергеј Четковиќ, а Сан Марино трета година по ред ја праќа Валентина Монета. Холандски претставник ќе биде новоформираниот бенд Д Комон Линетс (The Common Linettes) кој го состави познатата холандска кантри и поп пејачка Илсе ДеЛанг.

Нашата претставничка за следната година е Тијана Дапчевиќ, а од неодамна е познат и насловот на песната со која ќе се претстави на евровизиската сцена кој гласи „Победа“.



Врати се горе ↑