Свет

10 ноември, 2018

Спилберг, Опра и Квинси Џонс работат на мјузикл за „Бојата на пурпурот“

„Ворнер брадс“ ја потврди веста дека во подготовка е уште една екранизација на „Бојата на пурпурот“ (The Color Purple), овојпат во форма на мјузикл, а ќе го продуцираат Стивен Спилберг, Опра Винфри и Квинси Џонс, пренесуваат американските медиуми. Меѓу продуцентите ќе биде и Скот Сандерс, а допрва треба да се утврди и сценаристот и режисерот за овој проект.

Спилберг го режираше и продуцираше првиот филм во 1985 година, а една од улогите одигра токму Винфри, што беше и актерско деби за славната водителка, обезбедувајќи ѝ и номинација за престижниот Оскар. Заедно со Квинси Џонс тие застанаа и зад бродвејскиот мјузикл во 2005 година, кој доби дури 11 номинации за наградата Тони.

„Бојата на пурпурот“ е приказна за Сили, Афроамериканка од Југот на САД, која е злоупотребувана од својот татко, потоа од својот сопруг и од други. И филмот и мјузиклот се врз основа на истоимената новела од Алис Вокер (1082), за која писателката доби и Пулицерова награда за најдобра фикција.

 

 



Врати се горе ↑