Настани 481534_316622248471453_1877775606_n

27 мај, 2013

Спектакуларно финале на Аква Парк Фест

Во 6 часот наутро, со спектакуларниот настап на легендарниот Пол Ван Дајк, заврши првото издание на Аква Парк Фест. За два дена низ аква паркот во Пробиштип промаршираа повеќе од 15000 насмеани млади луѓе, кои на двете бини на фестивалот ги проследија омилените артисти, се забавуваа во аква паркот, создадоа одлична атмосфера со екстравагантниот фестивалски изглед, се спуштаа по тобогани и уживаа во чил-корнерот и кампот. Последната ноќ секако ја одбележа трииполчасовниот настап на еден од најзначајните луѓе во историјата на електронската денс музика Пол Ван Дајк, кој директно од Ибица дојде на Аква Парк Фест, на еден од неговите ретки настапи во Европа оваа сезона.

 

 

Главната фестивалска бина вчера имаше чест да го претстави и исклучително енергичниот и бунтовен настап на пост-панк бендот Бернајс Пропаганда веднаш по нивната деветнеделна европска турнеја. Уникатните Фолтин уште еднаш покажаа зошто нивниот препознатлив музички израз е омилен кај публиката, додека пак енергичниот звук на хардкор легендите Smut буквално ја затресе главната бина. Посебно концертно уживање беа неверојатниот музички талент кои на сцената го донесе Сашко Костов &TWW и настапот на Foolish Green кои кратко по објавувањето на првиот албум „Escаpe“ веќе имаат бројна публика, зависна од песните  на ова ретко психоделик поп / рок’н’рол издание.

Незаборавна вечер на Аква Парк Фест беше и петокот, со маестралниот концерт на Кирил Џајковски кој ја круниса главната бина таа вечер. Одлична журка беше двочасовниот сет на светската диџеј ѕвезда Mark Knight, пред масовната публика која потоа го дочека првото изгрејсонце на Аква Парк Фест со холандската денс-атракција Sunnery James & Ryan Marciano. Всушност, вистинската еуфорија таа вечер започна со Суперхикс кои неверојатно е како успеваат секој пат да го надминат врвот на концертната фешта, додека регионалните миленици С.А.Р.С. се чини имаа еден од најдобрите концерти кои ги одржале до сега кај нас.

 

Им благодариме на публиката за неисрцпната позитивна енергија која ја вложија овие два дена на првото open-air издание на Таксират, артистите кои приредија незаборавни концерти, волонтерите кои имаа огромна улога во реализацијата на фестивалот и на сите кои на било кој начин беа дел од Аква Парк Фест.

 

Фотографиите кои ја документираа незаборавната журка во изминативе два дена можете да ги видите на нашиот Facebook профил, кој исто така е и место за вашите импресии, мисли и искуства од Аква Парк Фест. Се надеваме дека уживавте во фестивалот и дека ќе се видиме и следната година на уште подобар, повесел и најпозитивен Аква Парк Фест!



Врати се горе ↑