27 август, 2013

Спектакуларен настап на Џастин Тимберлејк на MTV VMA 2013 (видео)

Во неделата вечерта се одржа јубилејното 30-то доделување на музичките видео награди на MTV, а и покрај одличните настапи на Лејди Гага, Кејти Пери, Канје Вест, Меклмор и Рајан Луис, Мајли Сајрус и Робин Тик, сепак може да се каже дека ѕвезда на вечерта беше Џастин Тимберлејк. Пејачот веќе има одлична и значајна година, со оглед на тоа што по неколкугодишна пауза во јануари годинава се врати на музичката сцена со нов сингл и двоен албум, чие продолжение ќе пристигне во септември. Оттогаш е присутен на секоја голема музичка манифестација, а како круна на неговата досегашна кариера беше токму настапот на МТV VMA 2013.

Публиката во Барклис центарот во Бруклин и гледачите пред малите екрани уживаа во спектакуларен настап во времетраење од околу 15 минути, кој започна со актуелниот хит „Take Back The Night“, а продолжи со хитовите како што се „Sexy Back“, „My Love“, „Cry Me a River“, „What Goes Around Comes Around“, „ Senorita“, „Rock Your Body“ и многу други, а најинтересниот момент беше кога на сцената се појавија и поранешните колеги од групата ‘NSYNC, кои нè потсетија на рефрените од најголемите хитови на групата. Настапот проследен со карактеристична кореографија заврши со најновите синглови „Suit & Tie“ и „Mirrors“, песна која е посветена на неговите баба и дедо.

Подоцна во текот на вечерта, познатиот водител Џими Фелон му ја врачи специјалната награда „Michael Jackson Video Vanguard Award“, која беше негова четврта статуетка за оваа вечер, вклучувајќи ја и главната „Видео на годината“ за видео записот „Mirrors“. Спектакуларниот настап можете да го проследите горе. Уживајте!

 



Врати се горе ↑