Македонија 6

7 декември, 2015

Спектакуларен концерт на КУД „Дримкол“ во МНТ во Скопје

Во саботата вечер, во Македонскиот народен тетар во Скопје, КУД „Дримкол“ од Вевчани уште еднаш ја потврди својата професионалност, достоинство, квалитет и целосно го оправда епитетот Верен чувар на македонската и вевчанската култура и традиција. На големата сцена на МНТ, завчера настапија 95 уметници на „Дримкол“, членови на фолклорниот ансамбал, патувачкиот театар, пејачката група и големиот народен оркестар.

На програмата беа застапени фолклорни сценски обработки од Вевчани, Охрид, Битола и од Егејските делови на Македонија.

Концертот на „Дримкол“ понуди еден различен пристап кон презентацијата на фолклорот во Македонија, сосема различен концепт во конструкцијата на програмата, а сето тоа, сепак  во рамките на изворната традиција и култура. Дримкол синоќа беше поинаков, впрочем како и секогаш, оригинален, свој на своето со силна емоција и Вевчански дух насочен кон гледачот.

Вевчанци завчера пееја, играа, но, и беа гневни на сидромот самоуништување и испратија силна порака за зачувување на човечките вредности, за љубов и почит меѓу луѓето.

„Особено ми е драго за синоќешното наше гостување во МНТ, навистина е радост кога гледаш дека на луѓето многу им се допаѓа тоа што го работиме, а уште подраго ми е кога ќе успееме да  ја задоволиме нашата публика – вевчанската и македонската. ’Дримкол’ има секогаш сериозен однос кон својата држава и надвор од границите, барем тоа сме го докажале многу пати, но, подеднакво и внатре, па, токму од тука во нашата годишна програма предвидуваме концерти низ републиката.  Фолклорот   е идентитет, историја, култура, затоа сметам дека голема е одговорноста на секој кој се занимава со фолклор, не смееме да дозволиме да се подигруваме со нашите национални, традиционални духовни вредности“, изјави Тоше Чочороски, претседател на „Дримкол“.

Во преполнетото гледалиште на МНТ, меѓу многубројната публика можеа да се забележат еминентни професори, стручњаци, уметници од национални и образовни институции од областа на културата и  Министерството за култура, а своето воодушевување од Вевчанци  не го криеја и амбасадорите на  БиХ, Србија, Црна Гора.



Врати се горе ↑