Свет

6 ноември, 2018

„Спајс грлс“ (конечно) ја потврдија турнејата

Една од најпопуларните женски групи во историјата на поп-музиката, „Спајс грлс“ конечно ја потврдија големата повратничка турнеја, која ќе започне во јуни следната година. Некогашната петчлена екипа, која повеќепати претрпи измени во составот, изминативе две години постојано најавуваше некакво враќање на сцената, но секој пат барем една од членките одбиваше или беше спречена да учествува во претстојните проекти.

Имено, во 2016 година, Мелани Браун, Ема Бантон и Џери Халивел ја прославија 20-годишнината од мегахитот и деби-сингл „Wannabeкако трио, најавувајќи нов материјал. Во тој период, Мелани Чисхолм беше зафатена со соло-проекти, а набрзо потоа Џери соопшти дека е бремена, па проектот беше откажан. Летово конечно стигна најава дека групата повторно ќе се собере, но без Викторија Бекам, која се чини дека веќе одамна „крена раце“ од музиката.

Од турнејата насловена „Spice World“ или „Зачинет свет“, според истоимениот втор студиски албум на групата, засега се објавени само шест датуми во Велика Британија, а дали и кога ќе има концерти во останатиот дел од Европа и светот, ќе дознаеме наскоро. Не е познато ни дали ова реобединување ќе резултира и со нов материјал, или ќе се пеат само старите хитови.

Последното што го слушнавме од „зачинетите девојки“ беше повратничкиот сингл „Song For Her“, а додека очекуваме нови информации за популарната група, да се потсетиме на хитот „Spice Up Your Life“!



Врати се горе ↑