6 април, 2015

„Space Station“ – нов сингл и видео запис на „Протагонист“

„Протагонист“ (The Protagonist) го објавија видео записот за нивниот нов сингл „Space Station“. Една од најпрогресивните активни групи во Македонија, чија музика не му побегна ниту на радарот на хрватското издание на магазинот „Ролинг стоун“, наскоро ќе го издаде својот прв албум.

Работата на дуото составено од Р.С.Раш и Кузман, што резултираше со полн звук и богата текстура, започнува во 2010 година. Материјалот кој произлезе од оваа соработка беше ни помалку ни повеќе, мастериран од Сајмон Хејворт, продуцент кој во својата биографија бележи соработки со Ник Кејв, Мајк Олдфилд, Брајан Ино, „Депеш мод“, „Симпл мајндс“ и други.

До сега, двете објавени теми од престојниот „No Exit Museum“ („Atom From The Sun“ и „Hyperreal“) се најдоа на топ 20 листата на Ем-ти-ви Адрија, а судејќи по современиот и убедлив шарм на „Space Station“, успехот и на овој сингл е неизбежен.

Двојката, којашто стои зад овој несекојдневен и страствен производ, се всушност визионери со високи артистички стандарди. Р.С.Раш е магистер по уметност во комуникациски науки, а Кузман е академски музичар кој од своите средношколски денови храбро експериментира со продукција и оригинално творештво. Фузијата на висококвалитетна електроника и органскиот гитарски звук, заедно со силниот вокален израз се претопуваат во хоризонт на кој што не може да останете рамнодушни.

Објавувањето на песната „Space Station“ е само прва од активностите кои следуваат, а се однесуваат на официјалното претставување на албумот „No Exit Museum“.

Официјален сајт на The Protagonist

The Protagonist на Јутјуб

The Protagonist на Фејсбук



Врати се горе ↑