Концерт

1 јуни, 2019

„Соулфлај“ на 5 август во МКЦ

„Соулфлај“ (Soulfly), култната бразилско-американска метал-четворка предводена од неуништивиот Макс Кавалера (Max Cavalera), доаѓа во Скопје во рамките на актуелниот циклус од турнејата за новиот студиски албум „RITUAL“, објавен лани во октомври.

Повеќе од две децении, „Соулфлај“ ревносно го продолжуваат својот култен статус со секој последователен албум и турнеја. Во таа смисла и нивното најново, 11. по ред долгоносечко издание „Ritual“ го остварува ветувањето на легендарното име и ја живее метал-церемонијата од највисок поредок со пеколни рифови, громовити перкусии и застрашувачки гролови.

 

А за основачот на бендот, не треба многу објаснување. Само кога ќе се спомене неговото име, треш-метал фановите се присетуваат на деведесеттите и времето кога еден од најголемите метал бендови „Сепултура“, владееше со светската сцена и имаше армија верни фанови. Макс Кавалера, еден од најзначајните претставници на метал музиката на сите времиња, ова лето е на турнеја со „Соулфлај“, чиј нов албум го опишува како „трајбл треш-дет“ (tribal thrash death) и враќање на звукот кој „Сепултура“ го свиреше на круцијалното издание „Chaos AD“.

Макс Кавалера (вокал, гитара), Марк Ризо (гитара), Мајк Леон (бас, вокал) и Зајон Кавалера (тапани): „Соулфлај“ се враќаат во земјава по речиси 15 години од нивното последно гостување кое резултираше со легендарен, неверојатно моќен концертен настап.

 

НА 5 АВГУСТ ВО МКЦ – преврти го Скопје наопаку! \m/

Во понеделник (3 јуни) ќе бидат пуштени првите 100 билети со супер-промотивна цена од 700 денари, а кои ќе се продаваат во продажната мрежа на MК Тикетс. По нивното распродавање, цената на билетите во претпродажба ќе биде 850 денари, додека нивната финална цена ќе биде 1.000 денари.



Врати се горе ↑