Македонија

15 март, 2018

СОКОМ ја додели наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело

Наградата „Трајко Прокопиев“, која претставува највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата, во 2018 година му се доделува на македонскиот музиколог, публицист, новинар и општественик Марко Коловски​, соопштија од СОКОМ.

Возбудливиот развој на современата македонска музичка култура, во нејзини рамки – и на нејзиното музичко творештво и изведувачка уметност, а исто така и неповторливата македонска музичка традиција како темел врз кој израснаа современите „креативни фиданки“ на нашата музика, не ќе можевме да ги следиме, да ги осознаваме и со тоа – да ги валоризираме, без придонесот на плејадата македонски музиколози и етномузиколози. Меѓу нив посебно место зазема Марко Коловски. Најнапред, како првиот завршен музиколог на тогаш „младиот“ Факултет за музичка уметност во Скопје, но, потоа, или – пред тоа, како човекот кој со својата широка едукација, многустрани дарби, љубопитност и творечки немир, со својата научна акрибија со која приоѓаше на секој сегмент од македонската музичка култура и низ неа оствари фасцинантен опус на творечки дострели, успеа да се вивне во врвот на оние што се занимавале и сè‌ уште се занимаваат со оваа исклучително важна културна и научна дисциплина. Со сиот свој творечки опус и, паралелно со тоа, – со својата многустрана дејност во областа на музичката култура и културата воопшто, Марко Коловски во изминатите речиси четири децении од неговата творечка активност стана не само столб на македонската музикологија и музичка култура, туку, во многу нешта – и посебен авторитет и своевиден „еталон“ за проценка на дострелите на другите чинители и појави во македонската култура.

Коловски е автор на голем број авторски книги посветени главно на македонското творештво, а за две од нив („Македонски композитори и музиколози“, 1993 и „Зографски“, 2011) е добитник на наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологијата кај нас во годината што изминала. Автор е, исто така, и на десетици статии и есеи за различни стручни прашања објавувани во наши и странски списанија, потоа, автор или ко-автор на повек‌е монографски изданија пишувани по повод јубилеите најважните институции кај нас („35 години Охридски лето“, 1996; „50 години Охридско лето“ 2011; „50 години Факултет за музичка уметност“, 2016 (ракопис); „70 години Македонска опера“, 2107, – во печат), учесник во низа енциклопедиски проекти (МИ-АН – Општа енциклопедија; ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА; МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА „КУЛТУРАТА НА МАКЕДОНИЈА НА 20-ОТ ВЕК“: ENCIKLOPEDIA MACEDONIKA итн.) меѓу кои (како член на редакцијата и изготвувач на над сто енциклопедиски едници) и на „Енциклопедијата на Македонија“ во издание на МАНУ. Во неговиот творечки опус посебно место заземаат и над 600-тините критики објавени на програмите на Македонското радио и низ периодиката во Македонија. Исто така и големиот број циклуси радиски емисии, документарни емисии итн. Во време кога раководеше со државниот Ансамбл за народни игри и песни на Македонија (2002-2006 г.), покрај другото беше автор или ко-автор на неколку кореодрами како и коавтор на обемниот труд за највозбудливото македонско оро „Тешкото“ и автор за сценарист за документарниот филм за него. Во неговиот огромен и многустран творечки опус влегуваат и низа ангажмани како покренувач и уредник на списанието „Музика“, потоа уредник и издавач на поголем број печатени музички публикации и носачи на звук за најмаркантните личности во македонската музичка култура, учесник во изработката на низа мултимедијални изданија итн. Посебен придонес, не само за нашата туку и за светската музикологија е неговото откривање (подоцна и превод и објавување) на докторската дисертација на големиот славист Јуриј Арбатски со наслов „Свирењето на македонскиот тапан“, одбранета во 1943 година на Карловиот универзитет во Прага, за која и големиот автор сè‌ до неговата смрт (1950 година во САД) сметаше дека е уништена за време на Втората светска војна.

Во текот на својот извонредно богат и плоден творечки живот Марко Коловски бил истакнат уредник во Македонската радио-телевизија и, паралелно со тоа извршувал низа значајни општествени и други функции (во ЈРТ, ОИРТ, СОКОЈ итн.), а повеќе пати бил претседател, потпретседател и секретар на СОКОМ. Освен веќ‌е спомнатите награди, добитник е на први награди на неколку стручни конкурси за музиколошки трудови, како и на наградата „Виртуози“ (прв добитник) за најдобар автор на полето на публицистиката во Македонија во 2012 година.

Наградата на Марко Коловски ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41. „Денови на македонска музика“ на концертот на Македонската филхармонија, во четврток, 22 март во 20 часот.

Извор: СОКОМ



Врати се горе ↑