Настани mars 2013

18 октомври, 2013

Содржински и визуелен редизајн на „МАРС 2013“

Шестото издание на македонскиот радиски фестивал „МАРС“ ќе се одржи на 26-ти ноември на старата локација, Универзална сала. Организаторите најавуваат дека фестивалот ќе има содржински и визуелен редизајн, а покрај македонската поп, рок, аренби и рап-музичка елита, чии песни беа најслушани оваа година на радиопрограмите, ќе настапат и неколку големи и мегапопуларни музички ѕвезди од поренешните југословенски простори, чии големи радиски хитови беа слушани и во македонскиот радиоетер.

„МАРС“ и понатаму останува ревија на најпопуларните македонски музички ѕвезди, кои во една вечер нудат парада на најслушаните хитови оваа година. Токму затоа тој сосема заслужено важи за собиралиште на сите македонски најголеми музички ѕвезди во моментов“ – најавува Антонио Димитриевски, фестивалски претставник за односи со јавноста.

Изборот на најпопуларните годинешни радиохитови, како и досега, ќе биде добиен по пат на селекција од 45 локални, регионални и национални радиостаници низ Македонија. Петнаесетте највртени песни ќе се најдат на финалната вечер, што директно ќе се пренесува на првиот канал на МРТ. Листата на избраните ќе се знае на почетокот на следниот месец, кога ќе се сумираат резултатите на пристигнатите гласови од македонските радиостаници.

„Новиот содржински редизајн на фестивалот, место вообичаеното прво, второ и трето место, носи категоризација на наградите, па така секој од 15-те учесници на финалната вечер ќе може да добие една или неколку различни награди во повеќе категории, како што се поп, рок или аренби и рап-хит на годината, хит испеан од женски вокал, од машки вокал или од група, балада на годината, а тука е и категоријата случајни партнери за најдобар дует. Ќе се избира и апсолутен радиски или ФМ-хит, најслушана песна во избор на публиката“ – вели Димитриевски.

И овој пат ќе биде доделено признание за трајни вредности и награди за ѕвезди од соседството чии песни биле слушани и кај нас, кои ќе бидат специјални гости на „МАРС“. Минатогодишниот радиски хит беше баладата „Добро ме познаваш“ која ја отпеа Димитар Андоновски.

Извор: Нова Македонија



Врати се горе ↑