14 април, 2015

„So Many Pros“ е новиот сингл на Снуп Дог

Познатиот американски рапер Келвин Кордозар Броадус Јуниор во мај годинава ќе го претстави својот тринаесетти по ред и последен студиски албум под псевдонимот Снуп Дог. 43-годишниот музичар, кој во изминатите неколку години се „реинкарнираше“ во Снуп Лајон и ги објави реге албумот и филмот „Reincarnation“, па се префрли и во водите на фанк музиката како Снупзила, веќе подолго време го подготвува новиот албум насловен „Bush“, чија комплетна продукција ја потпишува Фарел Вилијамс, а потврдени се и гостувањата на Стиви Вондер, Чарли Вилсон и други.

Како прв сингл од новото издание на 10 март беше објавена темата „Peaches N Cream“, а сега пристигна и вториот официјален сингл насловен „So Many Pros“, кој можете да го погледнете горе. Снуп и Фарел претходно соработуваа и на изданијата „Paid tha Cost to Be da Boss“ од 2002, „R&G (Rhythm & Gangsta): The Masterpiece“ од 2004 и „Tha Blue Carpet Treatment“ од 2006 година, а дека нивната соработка беше мошне успешна докажуваат и хитовите Beautiful, Drop It Like It’s Hot и други.



Врати се горе ↑