Видео 10521733_798446516930287_4253800841982330172_n

18 јануари, 2016

Со љубовна видео приказна, пејачот Кирил Митоски започнува соло кариера

Кирил Митоски, пејачот од музичкиот состав „Академци“, после цели девет години успешна кариера и одржани повеќе од 1.000 свадбени веселби и настапи, одлучи да ја напушти групата и да започне да гради музичка кариера како соло изведувач. Првото дело со кое и официјално Митоски ја продолжува својата музичка кариера како соло изведувач е љубовната видео приказна за темата „Само љубов да нè води“, која премиерно ја изведе на реномираниот музички фестивал за народни мелодии „Валандово“ во 2014 година. Музиката и аранжманот на песната се дело на Дарко Илиевски, додека текстот го напиша Орце Зафировски.

Видео приказната за оваа песна е снимена на неколку локации во околината на Скопје, поточно на прекрасните Матка и Козјак под режисерската палка на „Арт продукција“. Фитнес тренерот Бојан Тодороски и прекрасната Ангела Јаневска во одлична атмосфера го доловуваат моментот на заљубен пар и совршено се надополнуваат на љубовната песна која одлично котираше на топ листите на радио станиците низ Македонија. Реализацијата на овој проект е потпомогната од скопската општина Ѓорче Петров, додека студио „Виола“ се погрижи за стајлингот, а Маја Саздановска за шминката.

Кирил Митоски од 2007 година е вработен како пејач солист во Националниот ансамбл „Танец“, а цели девет години беше задолжен за најдобрите свадбени веселби низ нашата земја. За првпат како солист се појавува на фестивалот „Цветници“ во 2014 година, каде ја изведува песната „Оди си, остави ме,“ сo кoјa Кирил го освојува второто место. Неговата соработка продолжува со сите музички групи, а до крајот на 2016 година во продажба треба да излезе неговиот прв студиски албум, кој дополнително ќе ја збогати македонската музичка ризница.

Во продолжение погледнете ја љубовната приказна за темата „Само љубов да нè води“ на Кирил Митоски.

 



Врати се горе ↑