Видео

29 јуни, 2019

Со евровизиската „Proud“, Антонија Гиговска блесна во финалето на „Пинковите ѕвездички“

Антонија Гиговска уште еднаш нè направи горди и во вчерашното суперфинале на популарната музичка емисија „Пинкови ѕвездички – сите ѕвезди“, каде што се претстави со две песни, од кои првата беше токму евровизиската балада „Proud“ на Тамара Тодевска. Како што е познато, Антонија беше дел и од придружните вокали во Тел Авив, но овој пат блесна како водечка вокалистка, за што доби пофалби и од самата Тамара.

Go Antonia! I am proud of you. ❤

Gepostet von Tamara Todevska am Freitag, 28. Juni 2019

 

„Твоето пеење е секогаш совршено, така беше и вечерва, ти си прекрасна девојка. Одбра одлична песна за вечерва, со оваа песна Тамара се натпреваруваше на Евровизија и жал ми е што не победи. Фантастично беше и да ја гледаме и да ја слушаме, а ти вечерва ја отпеа песната на свој начин. Ти си секогаш своја и тоа ми е најфасцинантно, ти не си кавер-пејач и тоа е еден од најголемите квалитети кои може да ги има еден пејач, ти си секогаш автентична и супериорна на сцена“, рече Гоца Тржан.

„Секоја чест, на свој начин да се донесе песна од изведувач како што е Тамара, тоа е за пофалба. Ти секогаш си била како десерт на крајот, тоа и го оправда сега. Ние цела сезона зборуваме дека ти си пејачка која ги победи сите овде. Нема сомнеж дека ќе тргнеш по своите пејачки стапки многу брзо, веќе си тргнала, а јас ти посакувам многу успех да излезеш од нашите граници и да одиш некаде во светот“, додаде Леонтина Вукомановиќ, а Кија Коцкар беше кратка и рече дека секогаш е за одличен пет. „Фасцинантно. Пееш на свој начин, изградена си, далеку пред другите, не знам кои зборови да ги употребам за да не се повторувам. Во секој случај број еден“, заклучи таа.

 

Само пофални зборови имаше и за вториот настап и изведбата на емотивната балада „I’ll Never Love Again“ од Лејди Гага, за што доби и стоечки овации од жирито.

„Јас толку плачев на оваа сцена што не ми беше добро. Мораме да се потрудиме да ја означиме Лејди Гага на овој настап, таа е доволно голем уметник да го препознае ова што ти го отпеа… Таа мора да го види ова, јас никогаш не сум слушнала некој вака да ја пее нејзината песна. Никој не е ни блиску. Огромна почит и покол за тебе Антонија, заслужи. Како и да заврши вечерва“, рече Гоца.

 

Антонија дефинитивно доби огромна поддршка и од публиката, но не беше доволна за да стигне до победа, па натпреварот за неа заврши со прогласувањето на најдобрите двајца, односно заврши на 3. или 4. место. Иако не победи ниту првиот пат кога се натпреваруваше во 2016 (тогаш заврши седма), тоа не претставуваше никаква пречка да ја започне својата веќе одлична музичка кариера, збогатена и со бројни награди на домашни и на меѓународни фестиви, меѓу кои и минатогодишниот триумф на „Макфест“.

Како и да е, едно е сигурно – најдоброто од Антонија допрва доаѓа, а нам ни останува и понатаму да ја поддржуваме и да уживаме со сите нови песни, албуми и концерти што нè очекуваат од оваа талентирана млада дама!



Врати се горе ↑