Вевчански Карневал 2016

S.A.R.S., ЕСМА РЕЏЕПОВА, Slatkaristika, НАУМ ПЕТРЕСКИ, Brass Brothers, Инфузија + Перо Бели на 12ти и 13ти јануари, на ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ во Република Вевчани! Вековна традиција и вистинско василичарско доживување на најголемиот европски фестивал на сатирата....Напуштете го комфорот на очекуваното и дојдете, имаме пасоши за сите!!!

Posted by Vevcani Carnival Вевчански Карневал on понеделник, 4 јануари 2016

4 јануари, 2016

Со богата музичка програма, Вевчанскиот карневал е подготвен за своето ново издание!

Во Вевчани започнува големата прослава за одбележување на празникот Василица, во чии рамки традиционално се одржува и светски реномираниот фестивал на сатирата – „ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ! Оваа година, богатата програма на оваа манифестација започнува од 10 јануари и ќе се одвива сѐ до 14 јануари, а во рамките на оваа програма еден од најстарите фестивали под маски, Вевчанскиот карневал подготвува и атрактивна музичка програма за дочек на Старата Нова година, кој ќе биде одбележан и со голем огномет.

Музичката програма на Вевчанскиот карневал годинава ќе се одвива два дена, на 12 и 13 јануари во Вевчани. Честа да ја отвори програмата за големата прослава на 12 јануари ја има популарниот македонски изведувач СЛАТКАРИСТИКА!

Многу ни е драго што ќе настапуваме, ќе се напиеме вевчанска ракија и ќе бидеме маскирани василичари! Се гледаме на 12ти во Вевчани!“, изјави Марко Слаткаристика.

Покрај Слаткаристика, истата вечер во Вевчани доаѓа и еден од најпопуларните регионални бендови, „С.А.Р.С.“, кои гарантираат настап за незаборавна забава на Вевчанскиот карневал, како и групата „БРАС БРАДЕРС“ од Македонија. Следниот ден, на 13 јануари, сцената во Вевчани е резервирана за ѕвездите на македонската народна музика: ЕСМА РЕЏЕПОВА и НАУМ ПЕТРЕСКИ, како и групата „ИНФУЗИЈА“ и „ПЕРО БЕЛИ“.

Најголемата атракција и изненадување на Вевчанскиот карневал се секако резервирани со карневалската поворка и василичарите кои своите маски до последен момент ги чуваат во најстрога тајност. На 13 јануари нè очекува големото василичарско дефиле со кое Вевчани и секоја негова улица ќе се претворат во најуникатниот и единствен уличен театар без режија.

Една од најголемите културни знаменитости во нашата земја, Вевчанскиот карневал е подготвен да ги пречека бројните посетители во Вевчани, сето завиено во својот автентичен и мистичен дух и секако со специфичната порака со која вевчанци ја испраќаат изминатата година и ја пречекуваат новата, подобра година со желба таа да биде покретивна, поубава и побериќетна“, вели вели еден од најголемите познавачи на Вевчанскиот карневал и неговата суштина, публицистот и новинар Мишо Китановски.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот која се негува со векови и која според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.

Вевчанскиот карневал се одржува за време на василичарските празнувања под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија. На минатогодишното издание, гостин на овој настан беше и реномираната британска медиумска куќа „Би-би-си“ која снимаше документарен филм за Вевчанскиот Карневал и истиот го оцени како еден од најдобрите светски карневали од овој тип. Годинава во Вевчани за време на манифестацијата повторно очекуваме голем број медиумски претставници и посетители, како од Македонија така и од странство и ни претставува особена чест повторно да бидеме домаќини на илјадниците гости кои секоја година се собираат на овој единствен и уникатен настан!“, изјави градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски.

Пасошите се подготвени и ве очекуваме во Вевчани на најголемото василичарско доживување!



Врати се горе ↑