Свет image

13 март, 2013

Снуп Лајон не е сигурен дали ќе продолжи со реге музиката

Според зборовите на Снуп Лајон од разговорот со магазинот NME, можеби нема да има втор албум со реге музика. Поранешниот рапер Снуп Дог отпатувал на Јамајка каде што го напишал и снимил неговиот нов албум „Reincarnated“, кој ќе излезе на 23-ти април. Меѓутоа, на прашањето дали ќе се врати на островот и повторно ќе сними нов албум, Снуп не можел да даде прецизен одговор, велејќи: „Дефинитивно чувствувам дека и понатаму ќе правам музика, но не знам дали ќе одам на Јамајка… можеби ќе посакам да одам на друго место. Можеби ќе посакам да одам во друг дел на светот. Некои работи едноставно треба да се остават таму каде што се. Тоа е момент кој нема цена. Можеби следниот пат ќе одам на друго место.“

На прашањето дали има намера да сними реге албум во другите краеви на светот, раперот не можел да го објасни својот следен чекор, додавајќи дека може да посака да направи нов рап албум: „Само сакам да кажам дека не знам дали сакам да ја повторам истата постапка, да одам на Јамајка и да снимам нов реге албум. Можеби ќе посакам да одам во друга земја и таму да направам реге албум. Можеби ќе посакам да снимам рап албум. Не знам.“

Снуп исто така открил дека и понатаму го користи името Снуп Дог кога работи на музичка продукција и токму под тоа име работи со еден нов изведувач: „Имам една изведувачка од Полска, се вика Иза и нејзиниот албум ќе излезе наскоро. Ќе биде насловен „Birds Of A Feather“

На почетокот на месецов беше потврдено дека „Reincarnated“ ќе пристигне во април, а меѓу колегите кои гостуваат на ова издание ќе бидат Дрејк, Рита Ора и Крис Браун. Со албумот ќе се појави и долгометражниот документарен филм, кој премиерно ќе биде прикажан на фестивалот SXSW во Остин. Филмот ја следи трансформацијата на Снуп Дог во реге изведувачот Снуп Лајон, а го носи истиот наслов како и албумот – „Reincarnated“ и се најавува дека ќе прикаже „до сега невиден пристап“ на Снуп, кој во филмот оди во Тренч Таун, гето кое се смета дека е местото каде што настанала реге музиката и таму работи на новиот албум.

Снуп Лајон ќе настапи на овогодинешниот фестивал ЕГЗИТ.

Извор: NME/MTV



Врати се горе ↑