Настани Gitarijada 2 by Ivica Ivanovic

2 јуни, 2014

„Смоук шејкерс“ единствен македонски бенд на 48. „Гитаријада“ во Заечар

На прес конференцијата одржана во четвртокот во Заечар беа соопштени имињата на одбраните полуфиналисти и новите учесници во ревијалниот дел на фестивалот, нагласувајќи дека 48. „Гитаријада“ ќе има хуманитарен карактер имајќи ги предвид временските непогоди кои се случија во регионот.

Гитаријадата во Заечар уште еднаш потврди дека е еден од најпрестижните демо фестивали во регионот. Имено, на овогодишниот конкурс за учество на демо бендови пристигнаа 218 пријави од седум земји: Србија (162), БиХ (27), Хрватска (11), Црна Гора (7), Македонија (6), Словенија (2) и Бугарија (3). Во конкуренција влегле вкупно 189 валидни пријави кои ги задоволиле сите предуслови на конкурсот.

Селекционата комисија составена од Бранимир Локнер, Драгиша Радуловиќ и Ненад Кузмиќ ги избра следните четиринаесет состави кои ќе се претстават на главната бина на Гитаријадата во Зајечар и ќе се борат за титула и вредни награди: „Револт“ (Revolt) од Белград, СР, „Џенова“ (Genova) од Чаковец, ХР, „Холографик хјуман елемент“ (Holographic Human Element) од Травник, БиХ, „Д зу“ (D Zoo) од Суботица, СР, „Ел Качон“ (El Kachon) oд Ново Место, СЛО, „Гаддем“ (GodDamn) од Врање, СР, „Меда Вук и Сандокан“ од Петровац на Млава, СР, „Џони олмоуст“ (Johnny Almost) од Нови Сад, СР, „Киза блуза бенд“ од Зајечар/Белград, СР, „Маниту“ (Manitou) од Никшиќ, ЦГ, „Ин-д-рум“ (InTheRoom) од Сараево, БиХ, „Мајкроуејв“ (Microwave) од Вршац, СР и единствениот македонски состав, кавадарчаните „Смоук шејкерс“ (Smoke Shakers), како и победникот на Белградскиот Демо Фест Лајв 2014, чие име ќе биде објавено подоцна.

 

Сите одбрани бендови ќе имаат право на учество на Рок Академијата во периодот од 26-30 јули, за која претходните учесници имаат само пофални зборови.

Победничкиот состав на 48. Гитаријада го очекуваат вредни награди во облик на снимање, продукција и издавање на албум, снимање на видео запис и поддршка за односи со јавноста, додека победникот од публиката ќе освои снимање видео запис и поддршка за односи со јавноста од организаторот. Новост е и наградата која ќе му припадне на најдобриот бенд од територијата на Србија, на кој ќе му следува снимање, продукција и издавање на албум, снимање видео запис и поддршка за односи со јавноста.

Хуманитарен карактер на фестивалот

48. издание на култната Гитаријада во Зајечар ќе има хуманитарен карактер со оглед на тоа што регионот неодамна беше погоден од незапаметени поплави. Во текот на целата кампања, како и за време на самиот фестивал, ќе се апелира до посетителите да испраќаат СМС пораки на бројот 1003, што, како што најавуваат организаторите, ќе претставува симболична влезница, имајќи предвид дека влезот на сите програми на Гитаријадата и оваа година ќе биде бесплатен.

Откриени имињата на нови учесници во ревијалниот дел

Покрај порано најавените бендови „Кербер“, „Ван Гог“ и „Перо дефформеро“, на конференцијата за медиуми беше откриено дека на отворањето ќе настапи хорот „Вива вокс“, кој за оваа пригода ќе подготви посебен репертоар, како и Влада Дивљан, додека на главната сцена ќе свират „Партибрејкерси“, „Гоблини“, „ЈУ група“, „Атомско склониште“, „Џа или бу“ и многу други чии имиња ќе бидат соопштени подоцна.

www.gitarijada.org

www.facebook.com/Gitarijada

 



Врати се горе ↑