Свет Esc2015logo

11 март, 2015

Слушнете уште неколку евровизиски песни

Се приближува крајниот рок за објавување на сите 40 песни, кои годинава ќе се натпреваруваат за титулата Песна на Евровизија. Веќе имавте можност да ги слушнете песните на ХоландијаМалтаГрузија,  БелорусијаФранција, Швајцарија и Кипар, како и на Германија, Србија, Грција, Словенија, Италија, Шпанија, Унгарија, Молдавија, Финска, Ирска, Естонија, Летонија, Литванија, Данска и Исланд. Деновиве својот избор го објавија и земјите Романија, Полска, Чешка, Белгија, Велика Британија и Португалија.

Романскиот претставник за годинава е групата „Волтаж“, која победи на националниот избор во конкуренција од 12 песни. Нивната песна насловена „De la capăt“ има сериозна тема – самотијата на децата: „Евровизија има голема гледаност, што секако ќе придонесе за темата на нашата песна и кампањата што стои зад неа“, објаснил лидерот на групата, Калин Гоја, додавајќи: „Минатата година се докажа дека песните со сериозни општествени пораки имаа мошне добар пласман – Кончита победи за Австрија, а унгарската песна го освои четвртото место“, заклучи музичарот.

Инаку, „Волтаж“ е мошне популарна група во родната Романија, а од своето основање во 1982 година досега има издадено преку 20 албуми. Добитници се на повеќе награди, меѓу кои и „Најдобар романски изведувач“ на европските музички награди на „Ем-ти-ви“ во 2005 година. Нивната евровизиска песна Ве очекува во продолжение.

 

„Во името на љубовта“ ќе запее Моника Кушинска, која во Виена ќе ги брани боите на Полска. Слично како и мотото на манифестацијата (Градиме мостови), пејачката со својата песна порачува да изградиме мостови на толеранција, во името на љубовта. Нејзината песна слушнете ја во продолжение.

 

„Hope Never“ насловот на дуетот, кој Марта Јандова и Вацлав Ноид Барта ќе го отпеат во име на Република Чешка, а како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

Лоик Ноте беше најавен како претставник на Белгија уште пред неколку месеци, а сега конечно стигна и песната која ќе ја отпее на евровизискаѕа сцена во Виена. Како и повеќето евровизиски претставници, така и Лоик се прослави со учеството во белгиската верзија на музичкиот натпревар „Гласот“ (The Voice), а евровизиската композиција насловена „Rhythm Inside“ по својата едноставност потсетува на мега-хитот „Royals“ од Лорд, така што сигурно ќе стане една од најслушаните теми за годинава.

 

„Електро велвет“ е дуото кое годинава ќе ги брани боите на Обединетото Кралство, а на сцената во Виена ќе настапи со песната „Still In Love With You“, која Ве очекува во продолжение.

 

Леонор Андраде е победничката на националниот избор на Португалија, а боите на својата земја ќе ги брани со песната „ Há um Mar que nos Separa“.

 

Од 40-те евровизиски композиции останува да ги слушнеме уште и темите на Русија, Ерменија, Азербејџан, Црна Гора, Норвешка, Сан Марино, Шведска, Израел, домаќинот Австрија и гостинот Австралија, како и новата песна за Албанија и новата верзија на нашите „Лисја есенски“ на англиски јазик.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑