Аудио jarthur

8 април, 2014

Слушнете ја „Turn The World Around“ од Џејмс Артур

Британскиот музичар кој ја започна својата кариера со учеството и победата на британскиот X Factor во 2012 година, Џејмс Артур во ноември минатата година го објави својот деби албум кој го носи неговото име, а новиот материјал го промовира во рамките на актуелната европска турнеја. Но, и покрај постојаните ангажмани музичарот наоѓа време и за пишување нови песни, па наскоро ќе претстави и микстејп издание насловено „All The World’s a Stage“ кое деновиве го најави со темата „Turn The World Around“, чија демо снимка можете да ја слушнете во продолжение.

 

Покрај одличната музика, пејачот е присутен во медиумите и со разни скандали поврзани со неговите текстови на одредени теми како што е хомофобијата, но последната вест која е актуелна деновиве е наводното раскинување на договорот со неговата етикета и менаџерот Сајмон Кауел. Станува збор за стихови од песната „Follow The Leader“ која ќе се најде на претстојниот микстејп, а во кои се вели: „Look at what you do to me, I’m crying over stupid s**t/ You’re such a f**king homophobe, wish I’d never let you in/ To think that I was thinking maybe I should let you live/ I’m gonna blow up your family like I’m a terrorist“, поради што музичарот е обвинет дека промовира тероризам.

И покрај обидите на британските медиуми на стапат во контакт со SyCo  и Sony Records, сè уште нема официјална информација од нивна страна, но затоа 26-годишниот музичар самиот се огласи преку социјалната мрежа Твитер каде што напиша: „Песната ’Follow The Leader’ од микстејпот не промовира тероризам, тоа е приказна, цитат од писмо од луд фан“, а тоа може да се потврди и со твит од неколку дена пред да започне целата оваа ситуација каде што пејачот вели „Ако некој е збунет од текстот на песната, станува збор за гледна точка на еден фан, па оттаму и хомофобната референца и агресивниот тон… во приказната фанот се врти против мене. Едвај чекам да го слушнете целиот контекст на песната!“

Сета оваа ситуација музичарот ја опиша како „непотребен циркус“ кој го приредуваат медиумите само за да привлечат внимание, додавајќи дека луѓето премногу веруваат во сè што ќе прочитаат. Како и да е, неговата армија на фанови сè уште верно го следи на сите негови настапи и со нетрпение го очекува секој музички новитет. За крај уживајте со видео записот за неговиот актуелен сингл „Get Down“.



Врати се горе ↑