Аудио

10 јули, 2019

Слушнете ја новата песна од Бијонсе за „Кралот лав“

Како што се наближува премиерата на новата играна верзија на Дизниевиот класик „Кралот лав“, се засилува и промоцијата на музичките теми што ќе бидат дел од саундтракот за овој филм. Уште минатата година беше најавено дека за ликот на лавицата Нала гласот ќе го позајми популарната американска ѕвезда Бијонсе, која заедно со оригиналниот автор Елтон Џон работеше на освежување на веќе познатите песни од анимираната верзија, но и на нова музика.

Имено, пејачката штотуку ја претстави темата насловена „Spirit“, воедно најавувајќи го и албумот „The Lion King: The Gift“, кој ќе стигне заедно со филмот следната недела. Бијонсе се потпишува и како продуцентка на изданието.

„Секоја песна беше напишана за да го отслика раскажувањето на филмот, што му дава шанса на слушателот сам да си создаде своја слика додека слуша нови, современи интерпретации“, пишува во соопштението од ѕвездата.

Соодветно со оригиналната приказна, и новата песна е проткаена со звуците на Африка и госпел, а во комбинација со моќната интерпретација на Бијонсе звучи навистина моќно, па многумина веќе предвидуваат дека токму таа ќе биде победничката на следното доделување на Оскарите. Како звучи сето тоа, дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑