11 ноември, 2014

Слушнете ја новата песна на „Квин“ отпеана од Фреди Меркјури

Како што Ви пренесовме во мај годинава, легендарниот британски бенд „Квин“ денеска (11 ноември) ќе го објави компилациското издание насловено „Queen Forever“, на кое ќе се најдат три досега необјавени песни отпеани од покојниот лидер на групата, Фреди Меркјури. Една од нив е дуетот со Мајкл Џексон насловен There Must Be More To Life Than This“, кој за жал не беше довршен за време на нивните животи, а имавте можност да ја слушнете и „Love Kills“, која Меркјури ја објави во 1984 година, но овој пат во форма на балада.

Само еден ден пред објавувањето на албумот, бендот ја објави и третата песна во која се слуша вокалот на Фреди, а тоа е темата Let Me In Your Heart Again“, на која ѝ беа потребни 30 години за да ја здогледа светлината на денот. Имено, бендот започнал да ја снима оваа песна за време на подготовките на албумот „The Works“ од 1984 година, но не успеа да ја доврши сè досега. „Моравме да почнеме од почеток бидејќи имавме само трошки. Но, знаејќи како би било ако ги довршевме, можам да седнам и да го направам тоа возможно со помош на модерната технологија“, изјави во мај годинава гитаристот Брајан Меј, кој заедно со колегата Роџер Тејлор ги осовремени демо снимките со нова инструментација.

„Let Me In Your Heart Again“ е спакувана во одличен видео запис кој вклучува архивски снимки од најславните времиња на легендарниот бенд. Албумската верзија на песната можете да ја слушнете горе, а ремиксот на Вилијам Орбит е достапен во продолжение.

И.Ј.



Врати се горе ↑