16 април, 2013

Слушнете ја англиската верзија на евровизиската песна

Деновиве во Амстердам се одржа Евровизиски концерт, на кој настапија и нашите претставници Есма Реџепова-Теодосиевска и Влатко Лозаноски Лозано (снимката од настапот погледнете ја горе). Пред бројната публика тие за прв пат ја изведоа англиската верзија на евровизиската песна која го носи насловот „If I Could Change the World“. На овој настан кој се одржал во Мелвег, една од најпознатите музички сали во градот, се претставиле 25 изведувачи кои ќе бидат дел од годинешната Евровизија во Малме, Шведска.

Како што пишува Дневник, од евровизискиот тим известуваат дека нашите претставници привлекуваат голем медиумски интерес; тие се сретнале со голем број  интернационални новинари вклучувајќи ги националните куќи од Белорусија, Хрватска, Бугарија, Белгија, Холандија, Германија и Велика Британија, како и официјалната интернет-страница на ЕБУ, eurovisiontv, и голем број фан-страници. (Во прилог погледнете го интервјуто за ESCKAZ)

„Ова беше можност македонските пејачи лично да разговараат и да ја промовираат својата евровизиска песна. Тие оставија силен впечаток и добија многу позитивни реакции. Еден новинар изјави дека бил восхитен гледајќи ја Есма како привлекува толку големо внимание бидејќи сите новинари беа собрани околу неа, а беа импресионирани и од професионалноста на Лозано“ – истакнуваат од македонскиот евровизиски тим, пренесува Дневник.

Есма и Влатко изјавиле дека се изненадени и восхитени од приемот на песната на оваа значајна евровизиска манифестација. Македонскиот дует, најверојатно, ќе биде дел и од изведувачите што ќе се претстават на евровизискиот концерт што ќе се одржи во Лондон кон крајот на месецов.

Во продолжение слушнете ја англиската верзија на „Пред да се раздени“, насловена „If I Could Change the World“. Која верзија Ви се допаѓа повеќе?

 



Врати се горе ↑