Аудио

23 ноември, 2016

Слушнете го повратничкиот сингл на „Спајс грлс“

… поточно на Џери, Ема и Мел Би, кои продолжуваат како „ЏЕМ“

Една од најпопуларните женски групи на сите времиња, „Спајс грлс“ годинава прославува јубилеј од 20 години од издавањето на својот прв хит сингл „Wannabe“, па токму затоа „зачинетите девојки“ (барем поголемиот дел од нив) одлучија да го прослават овој роденден. Веќе е познато дека Викторија Бекам и Мелани Чисхолм решија да се посветат на самостојните кариери, но приказната сепак продолжува благодарение на Џери Халивел, Ема Бантон и Мелани Браун, кои уште пред неколку месеци соопштија дека ќе го прослават јубилејот како трио.

И покрај тоа што првиот сингл на триото „ЏЕМ“ требаше да излезе малку подоцна, нетрпеливите обожаватели очигледно пронашле начин да го прекршат законот, па новата женска химна „Song For Her“ веќе се најде на Јутјуб. Се чини дека Џери, Ема и Мел Би сè уште не ги потрошиле своите „зачини“, па веруваме дека овој повратнички сингл ќе го повтори успехот на нивните најголеми хитови од деведесетите. Како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение. Уживајте!

 

Следната година, групата ќе замине на славеничка турнеја, а повеќе детали се очекуваат наскоро.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑