Аудио ESC2014_TV_Graphics

20 март, 2014

Слушнете ги сите евровизиски песни за Евросонг 2014

Деновиве заврши рокот за објавување на сите песни кои ќе бидат дел од 59-тото издание на Евровизија на кое ќе се натпреваруваат вкупно 37 земји. Веќе имавме можност да ги слушнеме темите од Шпанија и Унгарија, нашата од Македонија, потоа Албанија, Исланд, Латвија, Украина, Малта, Белорусија, Финска, Швајцарија и Италија, како и Естонија, Израел, Полска, Литванија, Романија, Ирска, Велика Британија и Франција. Преостанатите песни кои беа објавени неодамна можете да ги слушнете во продолжение.

Песната која според обложувалниците веќе е потенцијален победник на овогодишното издание на Евровизија е темата „Not Alone“ од Арам Мп3 кој е претставник на Ерменија. 28-годишниот Арам Саргсајан (Aram Sargsyan) покрај музика се занимава и со стенд-ап комедија и актерска игра, а како звучи неговата навистина одлична еровизиска песна која ќе биде изведена во првата полуфинална вечер можете да слушнете во продолжение.

 

Оваа година Азербејџан ја праќа 29-годишната пејачката и актерка Дилара Казимова (Dilara Kazimova), која дипломирала на Музичката Академија во Баку, а се појавила и во неколку филмски изданија во родната земја. Песната со која ќе ја претставува својата земја и ќе ја изведе во првата полуфинална вечер е насловена „Start a Fire“, а како звучи можете да слушнете во продолжение.

 

17-годишните близначки Анастасија и Марија Толмачеви кои победија на Детската Евровизија во 2006 година, овој пат ќе ја претставуваат Русија во посериозната верзија од овој популарен музички натпревар. Сестрите Толмачеви во првата полуфинална вечер ќе настапат со песната „Shine“ која можете да ја слушнете во продолжение.

 

 

Шеста среќа за 29-годишната пејачка Сана Нилсен (Sanna Nielsen), која годинава конечно успеа да победи на познатиот „Мелодифестивален“, на кој се натпреварувала веќе 5 пати достигнувајќи го и второто место во 2008 година. Пејачката позади себе има 8 студиски албуми, бројни синглови и награди. Со освоеното прво место на овој фестивал Нилсен годинава ќе ја претставува Шведска, а нејзината песна „Undo“ ќе ја изведе во првата полуфинална вечер.

 

Белгија годинава го праќа Аксел Ирсу (Axel Hirsoux) кој во првата полуфинална вечер ќе настапи со темата „Mother“, а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 

33-годишната пејачка Кристина Скарлат (Cristina Scarlat) годинава ќе ги брани боите на Молдавија, а ќе настапи во првата полуфинална вечер со песната „Wild Soul“.

 

Годинава за жал мал е бројот на балканските земји кои учествуваат на Евровизија. Познато е дека за Црна Гора годинава ќе пее познатиот пејач Сергеј Четковиќ, а песната која ќе ја изведе во првата полуфинална вечер е насловена „Мој свијет“. Автор на композицијата е самиот Сергеј, аранжманот го направија Владан Поповиќ и Марко Милатовиќ, додека коавтор на текстот е Емина Јаховиќ, а англиската верзија ја напиша Билјана Марковиќ.

 

Холандија годинава го праќа бендот Д Комон Линетс (The Common Linnetes), а песната која ќе биде изведена во првата полуфинална вечер е темата „Calm After The Storm“ која можете да ја слушнете во продолжение.

 

34-годишната Сузана Гера (Susana Guerra)  позната само како Сузи e овогодишната претставничка на Португалија. Таа во првата полуфинална вечер ќе се претстави со темата „Quero Ser Tua“.

 

39-годишната Валентина Монета веќе трета година со ред ја претставува својата земја Сан Марино, а овој пат во првата полуфинална вечер ќе настапи со песната „Maybe“, која можете да ја слушнете во продолжение.

 

Еден од претставниците кој сигурно привлекува големо внимание 25-годишниот Томас Нojвирт (Thomas Neuwirth), кој во улога на трансвеститот Кончита Вурст ќе ја претставува Австрија во втората полуфинална вечер настапувајќи со песната „Rise Like a Phoenix“.

Џез бендот Д Шин (The Shin) заедно со пејачката Марико Ебралиџе (Mariko Ebralidze) годинава ќе ги бранат боите на Грузија, а ќе настапат во втората полуфинална вечер со песната „Three Minutes to Earth“.

 

Карл Еспен (Carl Espen) е норвешкиот претставник за годинава, кој во втората полуфинална вечер ќе настапи со песната „Silent Storm“.

 

Дуото Фрики Форчн (Freaky Fortune) заедно со раперот Рискикид (Riskykidd) во втората полуфинална вечер ќе ги брани боите на нашиот јужен сосед, а ќе настапи со песната „Rise Up“.

35-годишната Тинкара Ковач по петти пат се натрпеваруваше во националниот избор, па со оваа победа пејачката конечно ќе ја претставува Словенија на 59-тото издание на Евровизија. Ковач ќе настапи во втората полуфинална вечер со песната „Spet/Round and Round“, а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 

И за крај, од шесте песни кои ќе бидат изведени директно во големото финале ни останува да ги слушнеме уште претставниците на минатогодишниот победник Данска и Германија. Поп пејачот Анис Басим Муџахид познат само како Басим годинава ќе ја претставува земјата домаќин со песната „Cliche Love Song“. 21-годишниот Басим е по потекло од Мароко, но живее во Копенхаген. По учеството во данскиот X Factor во 2008 година, Басим до сега има објавено 2 студиски албуми и едно ЕП издание, а како звучи неговата евровизиска песна можете да слушнете во продолжение.

 

Тричлениот состав Илајза (Elaiza) е германскиот претставник за годинава, а нивната песна „Is It Right“ ќе ја изведат во финалната вечер на 10-ти мај.

 

Според досегашните информации од обложувалниците, најголем фаворит за победа е ерменскиот претставник Арам Мп3, а веднаш позади него се и претставниците од Норвешка (Карл Еспен) и Шведска (Сана Нилсен), но се претпоставува дека високо ќе котираат и австрискиот претставник – трансвеститот Кончита Вурст, како и унгарскиот претставник Калај Сондерс. Сега кога ги слушнавте сите евровизиски песни, што мислите, кој ќе победи годинава?

59-тото издание на Евровизија ќе се одржи од 6-10 мај во Копенхаген, Данска.



Врати се горе ↑