Видео

22 јуни, 2019

Слушнете ги Бијонсе и Доналд Гловер во новиот трејлер за „Кралот лав“

Како што се наближува премиерата на долгоочекуваната „играна“ верзија на Дизниевиот класик „Кралот лав“, компанијата објавува нови промотивни клипови за претстојниот филм, а во најновиот од нив конечно можеме да го слушнеме дуетот на Бијонсе и Доналд Гловер за „Can You Feel The Love Tonight“. Имено, уште откако беше соопштено дека двајцата музичари и актери ги позајмуваат гласовите за главните ликови Симба и Нала, обожавателите едвај чекаа да ја слушнат токму оваа песна.

Иако извадокот е само триесетина секунди, се чини дека и овој саундтрак ќе биде еден од најпродаваните годинава, исто како и оригиналниот на Елтон Џон во деведесеттите, деценија која помина во знакот на Дизни и на топ-листите и на доделувањата на престижните награди Оскар, Греми и Златен глобус. За новиот саундтрак Бијонсе им се придружи на оригиналните автори Елтон Џон и Тим Рајс, со кои работеше на освежување на познатите „Hakuna Matata“, „Circle of Life“ и „I Just Can’t Wait To Be King“, како и на една сосема нова композиција што ќе се слушне на одјавата на филмот.

„Кралот лав“ пристигнува во кино-салите во втората половина на јули, а саундтракот се очекува непосредно пред премиерата. Додека ја очекуваме целосната снимка од дуетот на Бијонсе и Доналд Гловер (чиј музички псевдоним е Чајлдиш Гамбино), слушнете како звучи „Can You Feel The Love Tonight“ од трејлерот во продолжение.



Врати се горе ↑