Аудио ESC2014_TV_Graphics

23 февруари, 2014

Слушнете дел од песните за Евровизија 2014

Викендов помина во знакот на Евровизија, односно на песната со која Македонија ќе се претстави на претстојното 59-то издание на овој најпопуларен музички натпревар во Европа, a синоќа исто така беа претставени и песните со кои ќе се претстават Шпанија и Унгарија. Но, во изминативе 2 месеца беше одлучено и кој ќе ги брани боите на Албанија, Исланд, Латвија, Украина, Малта, Белорусија, Финска, Швајцарија и Италија.

Нашиот западен сосед годинава ќе ја испрати 24-годишната Херсијана Матмуја која на мајчин јазик ќе ја отпее темата „Zemërimi i një nate“. Талентираната пејачка ќе настапи во првата полуфинална вечер, а како звучи нејзината песна можете да слушнете во продолжение.

 

Потлапанк или поточно изговорено Потлап’нк (Pollapönk) e бендот кој ќе ги брани боите на Исланд и кој на мајчин јазик ќе ја отпее темата Enga fordóma“И оваа тема ќе биде дел од првата полуфинална вечер.

 

Латвискиот претставник годинава е бендот Арземниеки кој во првата полуфинална вечер ќе „испече торта“ на англиски јазик, а песната насловена „Cake To Bake“ можете да ја слушнете во продолжение.

 

20-годишната Марија Јаремчук ќе ја претставува Украина, а на евровизиската сцена ќе настапи во првата полуфинална вечер изведувајќи ја песната „Tick-Tock“.

 

Фолк бендот Фајрлајт (Firelight) годинава во Копенхаген ќе ги брани боите на Малта, а песната која ќе биде изведена во втората полуфинална вечер е насловена „Coming Home“.

 

 

Покрај латвиските претставници, со „торта“ ќе не почести и белорускиот пејач Јуриј Вашчук познат како Тео кој во втората полуфинална вечер ќе ја отпее песната „Cheesecake“.

 

Финска годинава го праќа рок бендот Софтенџин (Softengine) кој во втората полуфинална вечер ќе настапи со темата „Something Better“, а како звучи тоа можете да слушнете во продолжение.

 

За Швајцарија оваа година ќе настапи Себастијано Пау-Леси, познат само како Себалтер, кој на англиски јазик ќе ја отпее песната „Hunter Of Stars“.

 

Рок тема е и песната „La Mia Città“ или „Мојот град“ која ќе ја отпее 29-годишната Ема Мароне претставувајќи ја Италија, која како дел од „големата 5-ка“ својот претставник го праќа директно во финале.

 

Ова се сите песни кои се објавени до сега, а останатите 25 ќе ги дознаеме најдоцна до 16-ти март. Како што е познато годинава во натпреварот учествуваат 37 земји, а од балканските земји се откажаа Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словачка. Меѓу изведувачите кои повторно ќе застанат на евровизиската сцена е и претставничката на Сан Марино, Валентина Монета која на овој натпревар доаѓа трета година со ред, како и нашата Тамара Тодевска, но годинава во улога на придружен вокал на нејзината сестра.

 



Врати се горе ↑