3 септември, 2015

Словенечката група „Лени Кравац“ го претстави видео записот за „Balkonized“

Уличната турнеја на словенечката група „Лени Кравац“, која се одржа во јули годинава и ги опфати градовите Љубљана, Белград и Загреб, крунисана е со видео запис за песната „Balkonized“, чие објавување го најавува истоименото деби дискографско издание на бендот.

Поентата на јулската турнеја одржана на Шуштарскиот мост во Љубљана, белградската Ада Циганлија и Ткалчичевата улица во Загрев, според зборовите на членовите, беше во изненадувачка и блиска средба со затекнатата публика и овој необичен состав што го сочинуваат членови од различна географска и музичка позадина.

„Сакав преку објективот да ги доловам емоциите на концертите и во градовите. Интересен беше контрастот меѓу луѓето, иако реакцииите секаде беа позитивни и имаше многу енергија, а добро се гледаат и различните вибрации во секој град. Бендот беше во својот елемент и тоа одлично се проектираше на снимките“, рече Ник Франко, кој заедно со Адријана Алексиќ ги документираше овие настани.

Песната „Balkonized“ воедно е и насловната нумера на албумот закажан за 3 октомври, за кој Матија Јашаров откри дека ќе биде објавен на цеде и во ограничен тираж, но и дека ќе може да се преземе од веб страната на бендот. Матија исто така откри дека бендот беќе има неколку испланирани концерти, како и дека веројатно ќе следи уште една улична турнеја, но овој пат фокусот нема да биде само на главните градови, а ние се надеваме дека ќе имаме можност да ги видиме и во Македонија.



Врати се горе ↑