Концерт

7 јуни, 2016

Словенците што се вљубени во нашата музика конечно доаѓаат во Македонија

Словенечката група „Етнотрип“, која со своите прекрасни преработки на традиционални македонски песни („Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“ и „Што имала к’смет Стамена“) во неколку наврати докажа колку ја цени нашата музика, конечно ќе настапи во Македонија! Имено, етно составот во рамките на својата летна турнеја има закажано два концерта во нашата земја, поточно во Битола и во Прилеп.

Концертот во градот на конзулите, кој е закажан за 21 јули во бар „Чаршија“, ќе биде во рамките на „Локум фест“, а веќе следниот ден, на 22 јули, прилепчани ќе имаат можност да уживаат со музиката на „Етнотрип“ во џез клубот „Тејк фајв“.

Покрај македонските песни, „Етнотрип“ на својот репертоар имаат уникатни преработки и на народни песни од Унгарија, Хрватска, Англија, Србија, Русија, како и теми чиј автор не е познат. Основана во 2009 година, групата зад себе има два студиски албума – „Ethnotrip“ од 2015 година и „Kdo bo pil iz bistrega studenca?“, издаден во јануари годинава.

Покрај Македонија, „Етнотрип“ ќе настапи во рамките на летните фестивали во повеќе градови ширум регионот, меѓу кои и познатиот џез фестивал „Нишвил“ во Ниш, Србија.

И.Ј.



Врати се горе ↑