Свет avc

22 јули, 2014

Следниот албум на Авичи ќе биде во рок стил

Со неговото деби издание „True“, Авичи го редефинираше звукот на електронската музика спојувајќи ја со фолк/акустични елементи. Резултат на сето тоа беа хит сингловите „Hey Brother“ и „Wake Me Up“, како и „Addicted To You“. Но, вториот албум кој го подготвува 24-годишниот хитмејкер веројатно ќе биде во рок стил. Како што пренесува американскиот магазин Идолатор, Авичи ќе соработува со имиња како што се Џон Бон Џови, Серџ Танкијан од Систем оф а Даун и Били Џо Армстронг од Грин Деј, а ќе има и една реге песна во соработка со Вајклиф Жан.

„Ќе биде повеќе во форма на песна. ’True’ беше еден таков обид електронската музика да биде изведена во форма на песна“, изјавил шведскиот диџеј и продуцент, кој неодамна соработуваше и со британскиот состав Колдплеј и се потпиша како продуцент на актуелниот сингл „A Sky Full Of Stars“. Со оглед на тоа колку беа успешни досегашните „експерименти“ со музичките стилови, сигурно е дека овие интересни и несекојдневни соработки ќе привлечат големо внимание. Во продолжение уживајте со „Lay Me Down“ во која гостува американскиот пејач Адам Ламберт.

 

 



Врати се горе ↑