Свет JimiHendrix-2

23 ноември, 2012

Следната година нов албум од Џими Хендрикс

Новиот албум на легендарниот гитарист Џими Хендрикс на кој ќе се најдат досега необјавени снимки, ќе се појави во првата половина на 2013 година. Изданието ќе се вика „People, Hell And Angels“ и ќе содржи песни направени во периодот од 1968 до 1969 година кои досега не се појавиле во јавноста, пишува Rolling stone.

Песните што ќе се најдат на новото издание биле планирани за албумот „First Days Of The New Rising Sun“ што требал да се појави по култниот „Electric Ladyland“, но во меѓувреме гитаристот починал, па песните никогаш не беа објавени.

На американскиот пазар ова издание треба да се појави на 5-ти март следната година, а уште не е познато кога ќе се појави во остатокот од светот. Во јавноста се појавија и неколку информации за самиот албум, а според нив ова е излет на Хендрикс во музичко експериментирање со многу нови инструменти, како клавир, перкусии, дувачки инструменти и втора гитара.

Интересот за легендарниот американски гитарист и понатаму е огромен, а од 29-ти ноември во 30 кина низ Англија ќе се емитува неговиот настап на фестивалот Вудсток. Поводот за прикажување на филмот „Hendrix 70: Live At Woodstock“ е 70 годишнината од неговото раѓање и содржи досега непознати детали, како и интервјуа со членовите на неговиот бенд Били Кокс и Мич Мичел, снимателот Еди Крамер и промотерот на фестивалот Мајкл Ланг.

 



Врати се горе ↑