Свет bey

30 октомври, 2014

Следната година биографска книга за Бијонсе

Познато е дека Бијонсе е многу „приватна личност“ кога станува збор за нејзиниот приватен живот, иако од неодамна знае да сподели по нешто на својот профил на „Инстраграм“, но за поголемиот дел од личните теми одбива да дискутира. Како што јавува „Холивуд репортер“, на таинственоста можеби ќе ѝ дојде крајот. Имено, за следната година е најавена „неавторизирана“ биографска книга.

За оваа задача бил задолжен познатиот американски новинар и автор Џеј Ренди Тараборели (J. Randy Taraborrelli), кој во својата кариера има 18 мошне успешни биографски изданија за познати личности како што се Мадона, Мерилин Монро, семејството Хилтон, Дајана Рос, Шер, Френк Синатра и семејството Кенеди, а е и единствениот автор кој го опишал животот на една од најконтроверзните личности во историјата на музиката, Мајкл Џексон. За својата идна задача, Тараборели изјавил: „Бијонсе водела мошне неверојатен и инспиративен живот. Едноставно знам дека читателите ќе уживаат во ова патување.“

Како што се наведува, оваа книга, за која е нагласено дека во пишувањето не учествува пејачката, ќе излезе на есен следната година за издавачката куќа „Гранд сентрал букс“ (Grand Central Books).

 



Врати се горе ↑