Концерт

19 јануари, 2018

Славниот метал-бенд „Креатор“ во МКЦ

Германскиот трешметал-бенд „Креатор“ на 23 јануари ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар во Скопје. Гостувањето во Македонија е во рамките на вториот дел од нивната европска турнеја. На ова европско концертно патешествие, „Креатор“ го промовира својот последен албум „Gods of Violence“, како што е насловена и целата турнеја. На сите концерти од турнејата, „Креатор“ има и предгрупи, а во Скопје доаѓаат „Дагоба“ и уште еден славен метал-бенд „Вејдер“. Иако првично беше најавено дека предгрупа ќе биде „Дикапитејтед“, сепак тие нема да пристигнат во Скопје, а нивна замена е „Вејдер“. За домашната публика, која го почитува тврдиот и моќен метал-звук, ова ќе биде уникатна можност во една вечер да ги види и чуе едни од најдобрите претставници на овој музички стил.

„Диви орди, не пропуштајте ја оваа ноќ на апсолутна агресија од нашиот втор дел од европската турнеја ’Богови на насилството’, Се гледаме во ’дупката’“, вели пејачот, гитарист и лидер на групата Милан Петроза, во најавата за претстојниот концерт во Скопје.

Организатор на метал-спектаклот е домашната концертно-промоторска организација „Терорвојд“, која со ова ќе ја одбележи својата 10-годишнина. Картите за концертот изнесуваат 1.200 денари, додека, пак, на денот на одржувањето тие ќе чинат 1.500 денари. За групата „Креатор“ ова е второ гостување во Скопје. Првиот пат бендот свиреше во 2004 година, во рамките на шестото издание на фестивалот „Таксират“.

„Креатор“ е еден од највлијателните метал-бендови од Европа, кој инспирира голем број нови генерации. Групата успеа да направи светска кариера и да застане рамо до рамо со најголемите имиња од метал-сцената. „Креатор“ е оформен во 1982 година во германскиот град Есен и во својата 35-годишна кариера објави 14 албуми. Нивниот музички стил варираше од помеки до потврди, агресивни и моќни звуци. Во 2012 година бендот почнува да работи со познатиот шведски продуцент Јенс Борген, кој се потпишува зад изданијата на групите „Опет“, „Кататонија“, „Симфони икс“ и многу други.

Нивното последно албумско издание „Gods of Violence“, за многумина претставува врв на музичката кариера на бендот, но Петроза и другите членови на бендот велат дека „Креатор“ сѐ уште не го достигнал максимумот и најдоброто од бендот следува во наредниот период.

Извор и фотографија: Нова Македонија



Врати се горе ↑