4 јули, 2015

Слаткаристика за политичката ситуација вели „Оф мори мајко!“

Нашиот рап артист Слаткаристика деновиве ја промовираше новата песна „Оф мори мајко“, која за неколку часа  стана вистински хит на социјалните мрежи. Песната нема стандарден видео запис, туку поинаков тип на визуелизација реално добиен од видео камерите од телефоните и компјутерите на учесниците во него. Во видеото се појавуваат повеќе луѓе од различни локации низ светот, а учестуваат и наши јавни личности како Весна Бејбе, Жарко Димитриевски, Угро и други, како и Газда Паја од Србија, Криско од Бугарија и други.

Од Нијагарините водопади во Канада и Мајами, преку Берлин и Доха, заедно со Слаткаристика се одзиваат многу луѓе кои ја на хумористичен начин ја прераскажуваат политичката ситуација во државата. Затоа и не случајно доминира балканскиот блех звук во песната, чија музика е потпишана од Александар Рајковиќ – Балканистан, кој подолго време е дел од „Oркестарот за свадби и погреби“ на Горан Бреговиќ. Mонтажата на видеата ја склопи Филип Пауновски од „Сторителер“.

Од  неодамна „Иноватива груп“ ја најави и големата летна турнеја на Слаткаристика – „EnergiS Tour“, закажана до крајот на летото каде публиката ќе има можност да ја слушне и оваа нова песна на Слаткаристика и Балканистан  – „Оф мори мајко“, а како звучи и изгледа сето тоа можете да погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑