Галерија 1 (29)

4 ноември, 2012

Слаткаристика ги исполни ветувањата!

Се случи и долгонајавуваниот концерт „Отварање“ на еден од најдобрите хип хоп артисти во Македонија, Слаткаристика. Бројните фанови уживаа во одличното шоу кое им го приредија Слаткар и неговите пријатели. Настанот го следеа и дел од неговите колеги од музичката естрада во Македонија, меѓу кои и неповторливите браќа Тавитјан, поп дивата Калиопи и младата талентирана пејачка Рената Кралевска. 

Додека се полнеше салата, уште пред почетокот на спектаклот беше пуштен и летечкиот цепелин на кој беше испишано името на покровителот на концертот, ЏаБест. Спектаклот го отворија членовите на Токсикологија (Кацар, Сиги, Аце НЛ, Џоле и Желе) и бендот Пеперминт, кои ги испеаја нивните најголеми хитови. Атмосферата се вжешти кога на сцената се појави и ѕвездата на вечерта, публиката го скандираше неговото име и сите беа во исчекување да ги слушнат нивните омилени песни.

Слаткар се „отвори“ со одличната „Милион“,  по која следуваа и другите големи хитови од „Новиот албум“, а сè звучеше прекрасно благодарение на новото озвучување на салата. Рефрените заедно со Марко ги пееја пратечките вокали Нина Јанева и Бобан Симоновски, а бендот составен во живо ги отсвири нотите на „Олабави ме“, „Сара“, „Бум бам“, „Шоп-шопинг“, „Класика“ и останатите нумери од двата албума на Слаткаристика, додека DJ Никифор  беше задолжен музиката на изведбите на „Tonight“, „ФМ“ и други хитови, кои уште повеќе ја загреаа веќе жешката атмосфера, а секако дел од вечерта беа и одличните DJ Гоце САФ и DJ Чваре. Вистинско освежување во бендот даде и звукот на гитарата на одличниот џез артист Георги Шарески. 

Премиерно беа прикажани и два видео записи, односно една нова нумера и ремикс на „Биди зелен“ со кој се означи почетокот на новата кампања на НВО Гоу Грин, под мотото „Гоу клин“. Одличната музика и изведбите на Слаткар беа збогатени со танцувачка група, а на сцената се качија и сите најголеми „лајкачи“ на ЏаБест.

Неизбежно беше и гостувањето на еден од најчестите соработници на Слаткар, Тони Зен со кој го изведоа големиот хит „Спушти се доле“. Бидејќи концертот беше од хуман карактер, Марко заедно со неговите фанови го завртија бројот 143 143 и донираа по 100денари(со вклучен ДДВ) за децата без родители од домот “11 Октомври”. Сè на сè, „Отворањето“ беше вистински спектакл кој долго ќе се памети, а како што самио Слаткар изјави во интервјуто кое неодамна го даде за РадиоМк, следниот албум ќе го издаде во 2015 година, што значи дека ќе мора да почекаме некое време за повторно да уживаме во еден ваков одличен концерт. Се надеваме дека сите кои што беа на концертот уживаа до максимум, а оние кои не дојдоа, пропуштија многу. Им благодариме на Слаткар и целата екипа за одличната вечер и им посакуваме уште многу успеси понатаму.

Ивона Јанкова
Фото:  Aндреј Аговски



Врати се горе ↑