Интервју slatkaristika-glavna

30 октомври, 2012

Слаткар: Ова ми е задња шанса да се испонашам вулгарно

Момчето кое на македонската публика ѝ е познато уште како дел од хип хоп групата Единствена Опција, Марко Маринковиќ или подобро кажано Слаткаристика, на 2ри ноември ќе се „отвори“ со уште еден голем солистички концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Несомнено дека и овој концерт ќе има максимална посетеност како што беше и Хип Хоп Револуцијата на 13ти февруари, 2010 година. Иако од тогаш има одржано уште многу концерти и настапи низ Македонија заедно со Тони Зен и другите членови на Токсикологија, се најавува дека овој концерт ќе биде најспектакуларен до сега. Само за читателите на РадиоМк подготвивме ексклузивно интервју со Слаткар.

Марко, годинава сигурно ќе ја паметиш уште долго време, не само заради „Новиот албум“. Кои се твоите импресии за тоа што се случуваше и ќе се случува наскоро?

Па мислам дека го испромовиравме „НОВИОТ АЛБУМ“ низ цела држава, а Скопје го чувавме за концерт. Луѓето се насмеани, среќни, воодушевени или згрозени – никој не е рамнодушен, а тоа ми се свиѓа!

Неодамна дознавме дека овој концерт ќе биде и со хуманитарен карактер? Како дојде до таа идеја?

Чале ми е домец, немал ни мајка ни татко, рамо за плачење, совет… Јасно е зашто сакам да им помогнам да децата без родители!

Во изминатиов период беше објавено дека арената „Борис Трајковски“ доби нова акустична изолација по светски стандарди, а ти веќе имаше можност да слушнеш како звучи тоа на твоите проби. Што мислиш, дали тоа што ќе го слушнат и видат гостите ќе биде едно сосема ново искуство за нив?

Па ќе биде ново искуство и за мене… Се надевам дека ќе звучи профи, стварно ми е ќејф што најголемата наша сала е конечно спремна за концерти!

 Голем дел од песните од „Новиот албум“ веќе се хитови и се многу популарни кај сите млади луѓе. Пред извесно време сними и видео запис за „Бум бам“, по желба на твоите фанови. Како се чувствуваш пред камерите, имаш ли трема?

Нормално е да имаш трема за секоја работа што ти значи во животот, но кога ќе чујам АКЦИЈА ја бркам од СЕТ!

„Олабави ме“ доживеа огромен успех преку ноќ. Текстот е интересен и многумина се пронајдоа во него. Дали и тебе ти се случило да те „олабават“?

Сите биле олабавени, тој што ќе ти каже дека не бил олабавен лаже и глумата!

Кога сме веќе кај текстовите, ти си потпишан на скоро сите кои се наоѓаат на двата твои албуми. Од каде најчесто црпиш инспирација?

Од животот!

Често те критикуваат за вулгарностите кои се неизбежен дел од твоите текстови. Дали овој стил на музика би звучел исто доколку е пишуван на литературен јазик?

Таква е културатa на мојата музика… без правила, лектори и сл.

Имаш големо влијание врз младите, особено тинејџерите. Дали можеби заради тоа би направил одредена цензура во текстовите?

Тинејџерите и општо луѓето живеат со тие пцовки. „Новиот албум“ ми е задња шанса да се испонашам вулгарно… Наредниот албум ќе го извадам во 2015 година кога ќе имам 30 години и нема да ми стои да се понашам ко адолесцент.

Кој ја диктира музичката мода во Македонија? Дали сметаш дека странската музика, односно сè она што е во тренд, има големо влијание врз нашата музика?

Има влијание, али не и големо… ние како земја касниме едно 10 години у секој поглед.

Соработуваш со многу твои колеги, особено со Тони Зен. Дали имаш желба да соработуваш со некој друг од нашава естрада, или пак од регионот, па и од светската музичка сцена?

Имам планови, планови и планови! Времето ќе ги издаде.

Дали има некој од македонските изведувачи што не го сакаш? Си се замерил ли некогаш со некого?

Сите биле фини со мене, така да никад не сум имал потреба да не бидам и јас фин со нив!

Што најчесто слуша Слаткар? Кои музички артисти би ги навел за твои омилени?

Моментално многу ги слушам: Lonely Island, Lil’ Wayne, Rick Ross…

Која македонска песна би ја издвоил за твоја омилена, која од балканските простори и која од светската сцена?

„Билјана сајла немаше“ од Дуо Трио, „Посо куча, куча посо“ од Јекрем Јеврич и „I Just Had Sex“ од Lonеly Island.

Дали некогаш те влече некој друг жанр на музика? Би пробал ли да запееш нешто нардно?

Ме влече, ама никако да ме завлече (се смее). Ме влече добра музика, не е битен жанрот!

Марко, ти благодарам за времето што го одвои за нас, ти посакуваме многу среќа за претстојниот концерт и се надеваме дека секој следен ќе биде со сè поголема посетеност од претходниот. За крај, дали има нешто што би сакал да им порачаш на твоите фанови?

Respect!

Ивона Јанкова

 



Врати се горе ↑