Свет Adele_Skyfall

18 декември, 2015

„Skyfall“ е омилената Бонд песна на Британците

Една од водечките телевизиски мрежи во Велика Британија, Ај-ти-ви (ITV), спроведе анкета за своите гледачи да ја одберат омилената песна од филмовите за тајниот агент Џејмс Бонд. За легендарните филмски остварувања од оваа франшиза запеале имиња како што се Ширли Баси, Том Џонс, Ненси Синатра, Луис Армстронг, Пол Макартни, „Дјуран дјуран“, „А-ха“, Гледис Најт, Тина Тарнер, Шерил Кроу, „Гарбиџ“, Мадона, Алиша Киз, Адел, Сем Смит и други.

Се разбира дека станува збор за исто толку легендарни песни, но сепак на врвот се најде само една, а воопшто не треба да нè изненади фактот што тоа е токму „Skyfall“, која британската ѕвезда Адел ја отпеа за истоимениот, 25. по ред филм за агентот 007. Хитот потпишан од самата Адел и продуцентот Пол Епворт, воедно е и првата Бонд песна што била наградена со Оскар и со Златен глобус. 

„Еден ден добив случаен повик, онаков каков што дефинитивно не очекувате да добиете во вашата кариера“, рече Епворт во специјалната емисија што се емитуваше синоќа на Ај-ти-ви, додавајќи: „Можев да започнам само со едно нешто, а тоа беше да се обидам да направам нешто налик на погреб. Мораше да биде мрачно и полно со каење… беше навистина огромен предизвик.“

„Го долови вистинскиот Бонд – мистериозниот човек од акција“, додаде Роџер Мур, кој ја играше главната улога во седум филмови.

 

Меѓу најдобрите пет според британската публика се најде и „Live and Let Die“ од Пол Макартни и групата „Вингс“, која го зазеде второто место, третото и четвртото место се резервирани за легендарната Ширли Баси со темите „Goldfinger“ и „Diamonds Are Forever“, а петта омилена песна е актуелната „Writings On The Wall“ од Сем Смит, која воедно е и првата Бонд песна што успеала да се искачи на врвот на британската сингл листа.

Ликот на Џејмс Бонд го создал британскиот новинар и новелист Иан Флеминг во 1952 година. Започнувајќи со Шон Конери, Дејвид Нивен, Џорџ Лејзенби, Роџер Мур, Тимоти Далтон, Пирс Броснан и Даниел Крег, вкупно седум актери ја играле главната улога во досегашните 26 филмски остварувања, а како звучеле насловните теми за најпознатиот таен агент потсетете се во продолжение. Уживајте!

Главна Бонд тема, композитор – Монти Норман, изведувач – Џон Бери оркестар (1962 г.)

И.Ј.



Врати се горе ↑