13 ноември, 2014

„Скопски фестивал 2014“: Кајмакоски победи, Тамара вечно втора

Синоќа во арената „Метрополис“ се одржа новото издание на фестивалот за забавни мелодии „Скопје 2014“, во чии рамки беа изведени 20 нови композиции во придружба на ревискиот оркестар на МРТ. На специјално прилагодената сцена настапија најпознатите имиња на македонската музичка сцена, а публиката во салата и пред малите екрани имаше можност да ужива со мошне разновидна музика и одлични интерпретации, секоја од нив со соодветна сценографија која навистина го одземаше здивот. Како и самите песни, може да се каже дека највпечатливи беа есенските лисја на Даниел и разбрануваното море на Тамара, а извесно беше дека главната „битка“ ќе се води токму помеѓу нив.

Годинава правилата за гласање беа според евровизискиот модел, односно со збир на поените од меѓународно стручно жири од седум европски радио-дифузни сервиси и гласовите од публиката. Иако „Брод што тоне“ на Тамара Тодевска собра најмногу поени од стручното жири, публиката пресуди наш претставник на Евровизија следната година да биде Даниел Кајмакоски со песната „Лисја есенски“. Со победата Кајмакоски освои и награда во вредност од 20 000 евра, а „вечно втората“ Тамара си отиде дома со 15 000 евра, додека Евгенија Чанчалова – Еги со „Да не те сакам“ го освои третото место и 10 000 евра. Победничката композиција можете да ја погледнете и слушнете горе, настапот на Тамара погледнете го овде, а на Еги овдеОфицијалните резултати објавени од МРТ се достапни овде.

Интересно е тоа што авторот на победничката песна, Јоаким Персон, се потпишал и на бројни песни на шведскиот „Мелодифестивален“, во чии рамки се избира евровизискиот претставник за Шведска, која е една од земјите со најмногу победи на овој натпревар. Како што е познато, не е исклучена можноста песната да претрпи промени во аранжманот, а веднаш по победата Даниел изјави дека би сакал да пее на англиски јазик, така што сè уште не е познато дали и колку различно ќе звучат „Лисјата есенски“ во Виена.

Што се однесува на второпласираната „Брод што тоне“, Роберт Билбилов уште еднаш докажа зошто е меѓу најдобрите и најбараните композитори и автори, не само во Македонија, туку и на целиот Балкан. Беспрекорниот вокал во придружба на пијано е формулата со која бројни светски ѕвезди ги освојуваат врвовите на сите топ листи (Адел – „Someone Like You“, Бруно Марс – „When I Was Your Man“….), што докажува дека претераната продукција, која е неизбежна (и „спасува“ многу пејачи) во последно време, некогаш воопшто не е потребна. Третопласираната Еги, пак, е млада и талентирана пејачка која ненаметливо но сигурно застанува рамо до рамо со најдобрите вокали во Македонија, како и на Балканот, што го докажува и второто место на „Сунчане скале 2014“.

Без разлика на пласманот, внимание заслужуваат и останатите 17 песни кои ги слушнавме вчера. Според редоследот, прва настапи Лена Заткоска со разиграната „Ало“, а по неа на сцената се врати Тања Царовска, која се претстави со интересната балада „Ако ми се вратиш“. Трет настапи Кајмакоски, а веднаш по него со мошне впечатлива сценографија настапи Вера Јанковиќ, која со својот моќен вокал ја отпеа „Се плашам“. Театралните настапи се карактеристични за пејачот и актер Влатко Илиевски, кој под реден број 6 настапи во дует со Ристо Самарџиев изведувајќи ја темата „Север-Југ“, а наместо нив во првиот дел од песната на сцената ги видовме актерката Ана Стојановска и Марјана Станојковска.

Со композиција на Андријана Јаневска, седма по ред настапи Александра Михова со темата „Срце чува спомени“, а по неа следеше дуетскиот настап извонредните Лидија Кочовска и Маријан Стојановски со беспрекорна интерпретација на композицијата „Сонце низ облаци“. „Ни Љ од љубовта“ е песната со која настапи Јоце Панов, а силен впечаток остави и дуетот на оперската певица Сања Керкез и Горан Наумовски, кои ја отпеаја „Миг без тебе“.

Тони Михајловски нè воведе во композицијата насловена „Марија“, а одличната интерпретација на Александар Тарабунов и ретро-модерната музика на Билбилов направија моше успешна комбинација која сигурно ќе биде една од најслушаните на радио станиците низ Македонија.  Александра Јанева уште еднаш воодушеви со баладата „Во твојот свет“, а интересен беше и настапот на Мијата, која ја отпеа темата „Заљубен“. Четиринаесетта беше Тамара, а по неа публиката се разигра со карактеристичниот звук на Дуке Бојаџиев, кој се потпиша како автор на темата „Сакам да летам“ во изведба на Сања Ѓошевска.

Не се потребни многу зборови за да се опише настапот на Наде Талевска, која ја воодушеви публиката со прекрасната интерпретација на темата „Знам“, а потоа Викторија Лоба ги разигра присутните со „Една единствена“. Верица Пандиловска, како и секогаш, одлично ја отпеа „Само за тебе“, а Нина Јанева настапи со „Блуз за…“. Драматичните моменти во музиката потпишана од Лазар Цветкоски и интересната сценографија беа дел од настапот на Димитар Андоновски, кој ја освои публиката со уште една одлична балада насловена „Сè што ти ветив“, која му го донесе четвртото место.

Водител на фестивалот беше познатиот актер Васил Зафирчев, кој приреди вистинско шоу и нè потсети на дел од најпознатите евровизиски рефрени како што се „Nel blu dipinto di blu (Volare)“ од Доменико Модуњо, „In sieme“ од Тото Кутуњо и „Nocturne“ од „Сикрет гарден“. Додека траеше гласањето, во ревијалниот дел настапи „македонското девојче“ Каролина Гочева, која нè потсети на евровизиската „Од нас зависи“, како и неколку песни од актуелниот проект „Македонско девојче“. Пејачката заедно со ќерките на прерано починатиот Даниел Милошески од „Авалон продукција“, во негово име ја примија наградата за трајни вредности во македонската музика, а Калиопи, која исто така беше специјална гостинка на фестивалот, на композиторот Димитар Масевски му ја врачи наградата за животно дело и придонес во создавањето и афирмирањето на Скопскиот фестивал, а со тоа и на македонската музичка историја.

Дали победата е наместена?

За жал, кога станува збор за избирање на претставник за Евровизија, ретко кога изборот поминува без скандал. Имено, денеска покрај победата на Кајмакоски, главна вест низ медиумите беше дека е откриена измама при гласањето: „Македонската Радио Телевизија по вчерашното издание на најреномираниот музички фестивал во Р. Македонија, Фестивалот на Забавни Мелодии Скопје 2014, ја информира јавноста дека Јавниот Сервис, согласно своето долгогодишно искуство, како на домашна, така и на меѓународна сцена, по однос на организација и реализација на Фестивали од различен карактер, на најдоследен и најдоблесен начин им овозможи рамноправно учество на сите изведувачи на синоќешното издание на Скопскиот Фестивал. Јавниот сервис ја поздравува превземената акција на Министерството за Внатрешни работи, со цел откривање и јавно обелоденување на сите нелегитимни дејствија, организаирани од групи и поединци, кои се обидоа да фрлат сенка на Фестивалот и долги години, истите или сличните манупилираат со крајните резултати на Фестивалите во Р. Македонија“,  соопштија од МРТВ, додавајќи дека пред да излезат со официјално соопштение, ќе ги чекаат резултатите од истрагата.

Како и да е, музиката секогаш треба да биде во преден план, секоја од песните ќе си го пронајде својот пат до слушателите, а времето ќе покаже која ќе биде евергрин или „невергрин“.

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑