Настани 10408507_10152625618029731_8142774332498466293_n

31 август, 2014

„Скопје Денс Фестивал 2014“ на 6 септември

„Скопје Денс Фестивал“ е мултимедијален електронски музички настан чија цел е промоција на најдобрите светски електронски артисти пред македонската јавност, како и обединување на сите реномирани македонски електронски музички изведувачи на едно место. Годинава фестивалот ќе се одржи на 6 септември на стадионот АРМ во Градскиот парк.

Скопје отсекогаш важел за град каде што електронската сцена, едуцираноста и културата на младите, како и ноќниот живот биле на високо респектирано ниво. Како пример би го навеле познатото списание DJ Magazine во кое електронската сцена во нашата држава беше поставена на исто рамниште со сцените од сите познати европски држави, додека градот Скопје важеше за центар на електронските музички случувања во регионот и пошироко.

Сведоци на ова се големиот број на светски познати артисти кои во неколку наврати гостувале во нашиот град, а feedback-от кој го добиле од македонската публика во свои лични интервјуа го имаат претставено како едно од нивните најдобри доживувања. Од нашиот град потекнуваат многу познати музички артисти кои бележат успеси како на домашната така и на светската музичка сцена и кои се редовни учесници на најголемите музички светски настани.

Идејата на „Скопје Денс Фестивал 2014“ е продолжување и развој на електронската музичка сцена, едуцирање на младите, издигнување на градот Скопје и негово повторно поставување на мапата на светската електронска сцена. Оваа година фестивалот ќе се одржи на 6 септември на стадионот АРМ во Градскиот парк, како специјален гостин ќе настапи Тристан од Велика Британија, а домашна поддршка ќе дадат Кокс, Роботек, Флудер, Горан Кан, Мирко Попов, Томи Бојаџи, диџеј Чваре, Урбана Регенерација и други. Во рамките на фестивалот се организирани и изложби, работилници, огнени перформанси и промоција на најновата ласерска технологија, а повеќе информации околу настанот можете да дознаете на Фејсбук.



Врати се горе ↑