Балкан 12814168_10204442391498652_7584065327087658955_n

16 март, 2016

Скандал за хрватската евровизиска песна

По пауза од неколку години, Хрватска реши годинава да се врати на евровизиската сцена, а нејзината претставничка Нина Краљиќ, која се прослави со победата во првата сезона на хрватската верзија на натпреварот „Гласот“ (The Voice), за својата песна „Lighthouse“ соработуваше со шведските автори Андреас Грас и Никола Парила, како и со шведскиот продуцент Торстен Брецман.

Меѓутоа, на хрватското здружение на композитори не му се допадна фактот што песната која ќе ја претставува нивната земја е напишана од странски автори: „Непријатно нè изненади и разочара информацијата за преседанот кој го направи Хрватската радио телевизија. После 60 години, Хрватска на Евровизија нема да се натпреварува со хрватска песна, туку со дело на странски автори“.

12814771_10204420835279760_8120226267688345419_n

На ваквиот став одговори и самата Нина, која застана во одбрана на оваа одлука, нагласувајќи дека музиката е универзален јазик и дека песните не се одбираат по националности.

„Она што е неверојатно е дека песната ја плаќам Јас, па аргументот апсолутно паѓа во вода! Јас од тоа немам никаква заработка и што се однесува на мене, поважна ми е Хрватска. И да, немате право да го оптеретувате изведувачот со внатрешна политика. Каква врска има љубовта кон татковината со ова? Сè што правиме, правиме за подобар пласман, односно ја одбираме најдобрата добиена песна, не ја одбираме музиката по националности, тоа е апсолутна срамота. Го убивате она што го претставува музиката – универзален јазик и заедништво. Самите признавте дека хрватските композитори често праќаат песни надвор од хрватските граници. Зошто е проблем ако е обратно? Се чини дека само ние имаме проблем со успехот и секогаш сме најголеми критичари. Би напишале колку хрватски песни сме добиле на понуда оваа година, но срам ми е. Срам ми е да зборувам и за љубовта кон татковината на овој начин. Јас, која од самиот почеток зборував дека сакам да се бавам со нашето етно наследство. Срам ми е после милион погледи што воопшто го пишувам ова. Навистина ме заморуваат оваа константна негатива, критикувања и егоизми, наместо сите да имаме една цел. И ве молам немојте да велите дека не сакате да нанесите штета кога ја нанесувате, наместо да се посветите на вистинската работа, а не на приказни!“, заклучи Краљиќ.

jj

Инаку, главната порака на „Lighthouse“ е надежта: „Песната во основа зборува за некој кој се изгубил на море и се соочува со проблемите од новонастанатата ситуација. Иако на почетокот се добива впечаток дека надежта е изгубена, протагонистот останува уверен дека ќе ги победи сите препреки и ќе пронајде сигурно прибежиште и тоа воден од сигналот на светилникот“, вака еден од авторите ја опиша оваа песна.

Нина ќе настапи во првата полуфинална вечер, а како звучи нејзината песна можете да слушнете во продолжение. Уживајте!

Фотографии: Дарио Њавро



Врати се горе ↑