Концерт c529b25a-7e75-4ca9-9138-f2011d0767d3

10 ноември, 2017

„Сизиф“ на „Плутос даутс“: премиерен концертен перформанс во МКЦ

Во рамките на фестивалот „Таксират“, на 4 декември во кино Фросина, „Плутос даутс“ (Pluto’s Doubts), во соработка со „Пасворд продукција“, ве носат на концертен осврт кон сѐ што се нашло во орбитата на нивниот деби-албум. Деветте нумери содржани на изданието „СИЗИФ“, премиерно ќе бидат отсвирени јавно, а искуството за посетителите ќе биде збогатено со код за бесплатно симнување.

„Плутос даутс“ е музичка група од Скопје, која во период од две години помина низ неколку фази од аспект на звук, членство и чувство. Појдовната идеја е да овозможи слободен проток на креативна енергија, притоа мешајќи луѓе со различна вокација, ниет и табиет. Првите никулци од она што е денес албум, добија своја демо-форма во студиото на Нино Спирковски. Материјалите беа пуштени есента 2015-та година, а во тој период уследија и првите настапи во живо. Прв значаен фидбек испровоцира синглот „Супер Јупитер“, чиј видео-запис е идеја/реализација на Александар Петков и беше дел од емисијата „Видеографија“ на Ем-ти-ви Адрија.

 

Клучен настан за реализација на „Сизиф“ е победата на „Лузер фест“ во 2015 година, во организација на „Пасворд продукција“. Во меѓувреме, како дел од наградата дојде и настапот на „Егзит 2016“, како и други помали настани од типот на „ШТО СЕ ТРЕСЕ ВО МКЦ?“, „ЗЕМЈОТРЕ5“ и вториот роденден на „Риборн“ (Reborn) во „Винил“ Снимањето започна во Љубанци, во соработка со Ивица Јанкуловски (студио „Алшар“), а продолжи во „ПОДРУМОТ“ со Ангел Коцев и Л. Ѓоргиевски како главен продуцент. Нештата ја добија својата конечна форма во јуни годинава.

Албумот изобилува со идејна шареноликост. Ритмички, мелодиски па дури и во аранжманот на песните и нивната структура. Лирски, содржи траги на импресионизам и некаква интимна димензија, но истовремено е прилично отворен и живо кореспондира со социо-културното опкружување во кое музиката е создавана. Имајќи го сето ова предвид, „Сизиф“ би требало да функционира како приказ на состојбата во духот на одредено време и простор.

 

Првиот сингл од албумот е песната „Самоглад“. Спотот е во режија на Борјан Стојков, и нему му го должи својот визуелен идентитет. Спотот одеше промотивно како дел од настапот во „Винил“, а неговата онлајн промоција се случи на 26 октомври во рамките на промотивните активности за настанот што претстои. Така што, доколку и оваа година не сте поканети на роденден кај Џеј Зи, а сѐ уште не сте букирале карти за „Кинг Крул“ во Берлин… повелете на уште еден круг околу кавалот од акал и овошниот бокал!

Влезниците за промотивниот концерт на „Плутос даутс“ се пуштени во продажба од денес (петок, 10 ноември) на пладне, преку продажната мрежа на МкТикетс со цена од 200 денари во ПРЕТПРОДАЖБА и 300 денари на денот на концертот.

eb94b805-c09c-47f3-aa4a-be828105be15



Врати се горе ↑