Настани

18 февруари, 2018

Сите во црно и вечерва на „БАФТА 2018“

Сезоната на награди годинава поминува во знакот на солидарноста со движењата против сексуалното вознемирување на жените, „И јас исто“ (Me Too) и „Времето истече“ (Time’s Up), а филмските, телевизиски и музички ѕвезди, меѓу другото, својата поддршка ја дадоа носејќи црна облека на црвениот килим на златните глобуси и бела роза на доделувањето на музичките награди Греми.

Слична ќе биде атмосферата и на вечерашното доделување на британските филмски награди или „БАФТА 2018“, кое ќе се одржи во концертната сала „Ројал Алберт хол“ во Лондон. Како што пишува Би-Би-Си, во црно ќе ги видиме и Ема Томпсон, Дејзи Ридли, Ема Вотсон и Кира Најтли, а се очекува ѕвездите да ја искористат својата платформа и да коментираат за овие горливи проблеми.

Како и секогаш, списокот со номинирани уметници и остварувања е доста сличен со останатите филмски награди, како што се Златните глобуси и Оскарите, па така и овде најмногу номинации доби „Формата на водата“ (The Shape Of Water), кој е во трка за 12 статуетки, по 9 номинации имаат „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (Three Billboards Outside Ebbing, Missouri) и „Најмрачниот час“ (Darkest Hour), а за осум награди ќе се натпреваруваат „Данкирк“ (Dunkirk) и „Блејд ранер 2049“ (Blade Runner 2049), додека во трка за пет награди е биографскиот „Јас, Тонја“ (I, Tonya). 

71. доделување на британските филмски награди ќе биде пренесувано во живо на Би-Би-Си 1, со почеток од 21.00 часот по локално време, односно 22 часот по (наше) средноевропско време. Водителка на манифестацијата ќе биде англиската актерка и двократна добитничка на БАФТА, Џоана Ламли (71), преземајќи ја оваа улога од колегата Стивен Фрај, кој беше домаќин во изминатите 12 години. На сите номинации можете да се потсетите овде.

И.Ј.



Врати се горе ↑