Македонија

25 јануари, 2017

Сите се победници во „Кастинг талент шоу“

Главните улоги ќе ги играат Денис Димоски и Антонија Гиговска

Во Македонската опера и балет вечерва се одржа суперфиналето на „Кастинг талент шоу“, во чии рамки се одбираа главните улоги за првиот македонски мјузикл „Тајно моја“. Публиката во МОБ и пред малите екрани имаше можност да ги проследи настапите на вкупно 9 суперфиналисти од категориите момчиња, девојки и дечиња, за кои одлучуваше петчленото жири составено од Игор Џамбазов, Сара Мејс, Огнен Неделковски, Тања Кочовска и Игор Дурловски.

Деветте суперфиналисти изведуваа песни од познати мјузикли, како што се „Приказна од западната страна“, „Ени“, „Клетници“ и други, а жирито ги наградуваше со по максимум 5 ѕвезди. Најмладите суперфиналистки добија максимален број ѕвезди, секоја по 25, така што жирито одлучи сите да бидат дел од мјузиклот.

По нив настапија момците, па откако Симеон Коруноски освои најмалку ѕвезди, во дуел продолжија Денис Димоски и Огнен Здравковски, за на крајот да триумфира Денис. Од девојките, пак, во дуел продолжија Антонија Гиговска и Сара Гигова, па без никакво изненадување победи фаворитката Антонија. Сепак, жирито едногласно одлучи сите да бидат победници, односно секој од нив ќе добие улога во претстојниот мјузикл.

Суперфиналето пригодно се одржа на денот на 36. роденден на Тоше Проески, а текстописецот Огнен Неделковски, кој воедно беше претставник на фондацијата „Тоше Проески“, најави дека до крајот на годинава можеме да го очекуваме новиот албум од легендарниот пејач, како и дека ќе се подготвува голем концерт по повод 10 години без Тоше.

Првиот македонски мјузикл „Тајно моја“ премиерно ќе биде прикажан на 10 март, а влезниците се веќе пуштени во продажба.

И.Ј.



Врати се горе ↑