Видео

23 декември, 2018

„Сите лажат, знам“, пее Виктор во новиот сингл

„Ако заболи текстот негде или случајно некој си ја пронајди мувата на капата… тогаш веројатно зборам за неа/него“, вели Виктор Апостоловски за својот нов сингл „Знам“, кој неодамна го објави заедно со видео снимено во родната Битола. Станува збор за уште едно комплетно авторско дело од популарниот музичар, воедно и најава за неговиот втор албум што ќе го наследи првенчето „Во моите сни“ (2015).

„Во овој период, и многу време наназад, навистина е тешко да се биде искрен во денешницава и бидејќи луѓето се навикнати да слушаат лаги, многу ретко веруваат на искреноста. Не се навикнати на кавалерство, на добро однесување… и многу често луѓето знаат да искористат таков момент. Мене не ми пречи, милион пати ме оставиле на цедило, и другари и блиски луѓе, и уште милион пати да ме остават на цедило, јас пак ќе бидам истиот… Текстот е посветен баш на такви луѓе, затоа се вика ’Знам’. Во рефренот вели: ’Без срам, сите лажат, знам’“, објаснува Виктор.

Видеото го сними заедно со колегата и битбокс-генијалец Огнен Димовски, со кого своевремено членуваше во групата „Стритс“, и со Александар Боровчанин. Тие се појавуваат и во самото видео, заедно со Јулијана Деспотоска, Елена Стојчевска и Дарко Јеремиќ.

За претстојното издание, кое планира да го претстави на почетокот од Новата 2019 година, вели дека е стилски мошне разнолико, но е тематска целина што раскажува еден дел од неговиот живот, односно сите песни се автобиографски. „Најчесто пишувам за она што мене ми се случува, понекогаш дури и пред да ми се случи. Иако немав некој зацртан план, кога ќе ги погледнам сите песни, тие се сите поврзани“, вели некогашниот Идол, дополнувајќи дека се изразува така како што ќе му дојде во моментот.

Додека очекуваме повеќе детали за новото издание, уживајте со „Знам“!



Врати се горе ↑