Македонија dsc_5235

18 ноември, 2012

Синоќа повторно блесна Скопје Фест

Синоќа бевме сведоци на уште едно прекрасно издание на Скопскиот Фестивал. Уште една прекрасна вечер исполнета со емоции и прекрасна музика благодарение на извонредните изведби на македонските пејачи придружувани од ревискиот оркестар на Македонската Радио Телевизија под диригетската палка на маестро Кире Костов. 18 прекрасни композиции придонесоа за враќање на сјајот на овој легендарен фестивал.

На самиот почеток, наградата за посебен придонес на Скопје Фест ѝ беше доделена на Виолета Томовска, која е и првиот победник на овој фестивал. Првиот учесник кој достоинствено ја отвори оваа фестивалска вечер беше Ѓоко Танески со композицијата „Јас сум само твој“, а како дел од првиот блок своите дела ги претставија и Јана Бурческа, групата Арија, Наде Талевска, Нико Георгиевски и Влатко Илиевски.

Пред да започне вториот блок на композиции, уште една награда му беше доделена на доајенот на македонската музика Драган Мијалковски, кој уште еднаш се докажа пред македонската публика со одличната изведба на „Било кој“. Веднаш по него вистинско освежување беше Тамара Тодевска со „Залудно е“, а следуваа Александар Тарабунов, Дани Димитровска, Ристо Самарџиев и Верица Пандиловска во придружба на хорот „Рустико“.

 

Во кратката пауза пред последниот блок од преостанатите шест композиции, водителот на фестивалот Игор Џамбазов на сцената ги повика и поранешните членки на групата Македонија: Даниела Панчетовиќ, Верица Ристевска и Зорица Поп Панкова кои специјално за овој настан допатуваа во Македонија од три различни страни на светот. На трите прекрасни дами кои се значаен дел од Скопскиот фестивал, им беа доделени признанија, а потоа го отпеаја големиот хит „Есенска роза“ со кој дополнително ја анимираа бројната публика во МОБ. Исто така најавија дека имаат планови да ја обноват групата и да создадат нов материјал.

Последните шест композиции ги претставија Ламбе Алабаковски, Андријана Јаневска, Бојан Стојков, Александра Пилева, Лаура Крлиу, а крајот го заокружи одличната балада „Не лажи ме“ во изведба на Елена Ристеска. Пред самиот крај на оваа фестивалска вечер, можеби најголемото признание – наградата за животно дело му беше доделена на маестро Александар Џамбазов кој веќе 60 години е активен во музичките води во Македонија, а последните 37 години е диригент на оркестарот на Македонската Радио Телевизија. Џамбазов се заблагодари за ова големо признание и наградата му ја посвети на уште еден доајен на македонската забавна музика Драган Ѓаконовски Шпато.

 

Сè на сè, прекрасна фестивалска вечер во која верувам дека уживаа сите кои го следеа овој настан. Интересно беше тоа што секоја од композициите го имаше оној фестивалски звук, но беше задржан и карактеристичниот стил на секој од изведувачите. Од сношти македонската музика е побогата за уште 18 прекрасни музички парчиња, а времето ќе покаже колку евергрини се родија вчера на Скопје Фест 2012.

Фотографии од вчерашниот Скопски фестивал можете да погледнете овде.

И.Ј. (ФОТО: mkd.mk)



Врати се горе ↑