18 февруари, 2015

„Синестезија“ најави нов албум со „Идемо даље“

По три години од издавањето на албумот првенец „Шминкање стварности“, белградскиот рокенрол состав „Синестезија“ заврши со работата на новиот албум насловен „Снови о слободи“. Продолжението на своето патување бендот го најавува со синглот „Идемо даље“, за кој е снимен и видео запис.

Албумот „Снови о слободи“ (Соништа за слободата) е снимен во култното белградско студио „О“ на Оливер Јовановиќ. Продукцијата и овој пат ја потпишува Дамјан Дашиќ, а албумот е збогатен и со голем број интересни гости. Бендот најавува позрел, поенергичен и потврд албум, со кој после бројните потешкотии сака да порача: „Одиме потанаму! Слободата е досонувана, сега ништо не може да нè запре!“

Видео записот за синглот „Идемо даље“ го работеше екипа собрана околу визионерот Игор Маровиќ, а во целост го изнесе актерскиот двоец Маја Јаковлевиќ и Лазар Сакан. Маја е талентирана белградска актерка и сликарка, која од самиот почеток беше првата желба на екипата, а Лазар во последен момент зеде уште едно учество во поддршката на домашниот рокенрол и со своите вештини и искуство го пренесе проектот на повисоко ниво.

По премиерата на новиот сингл и видео запис, „Синестезија“ заминува на „СОС турнеја“, во чии рамки ќе се обиде да посети што повеќе места во кои бендот не свирел досега и да го претстави материјалот од двата албума, „Снови о слободи“ и „Шминкање стварности“.

 



Врати се горе ↑