Настани 1003684_400647790040875_429125175_n

4 јули, 2013

Сигет Македонија промо фестивал‏

Овој викенд во клубот МКЦ во Скопје ќе се одржи промо настан со настапи во живо на неколку млади музичари кои ќе бидат дел од листата официјални предлози од Македонија за настап на популарниот фестивал Сигет во Будимпешта (Претходно беше најавено дека настанот ќе се одржи на градската плажа ,,Камен Мост” во Скопје, но поради прогнозите за нестабилни временски услови, се сели во клубот МКЦ Скопје).

Мини фествалот произлезе од отворениот повик кој беше упатен до македонските бендови и диџеи заинтересирани за настап на Сигет 2014, а изборот на предлогот изведувачи е резултат на јавното гласање на фејсбук  во комбинација со мислењето на тимот на Сигет Македонија.

Сигет е еден од  најголемите фестивали во Европа, го посетуваат околу 400.000 посетители од над 60 земји во светот, има над 50 сцени (од кои 5 големи) и околу 200 програми дневно. Изминатата година беше прогласен за Најдобар голем фестивал во Европа од страна на European Festival Awards, фестивалот има одлична соработка со најважните организации во Европа на полето на музичката индустрија и културата воопшто, а менаџментот на фестивалот стои зад организацијата на уште неколку поголеми фестивали во Европа.

Сигет Македонија  е дел од интернационалното семејство на овој фестивал кое го чинат уште 32 земји во Европа. Со промовирање на фестивалот во Македонија на македонската публика и се доближува еден од најпропулзивните фестивали во светот, а од друга страна оваа соработка е одлична можност за промоција на македонската музика и размена на искуства, знаење и контакти со еден од најнапредните тимови во светот на полето на музичката индустрија.

ПРОГРАМА:

Сабота, 6-ти јули 2013, почеток 20.00.
SMCK
Glodaragz 
Anomalia Nativa 
Dave Stands 
Kesko live

Недела, 7-ми јули 2013, почеток 21.00
Epten
High Control
The Black & Vice Social Club 
STEEL TEMPLE

Специјални гости ќе бидат Firemadness Juggling Crew со нивните улични перформанси, а екипата на Радио МОФ ќе даде своја поддршка со диџеј сетови – избор музика од овогодинешните изведувачи на Сигет Фестивал Будимпешта. Настанот ќе биде снимен, а од снимките ќе се изработи промо видео спот.

ЗА ИЗВЕДУВАЧИТЕ:

АNOMALIA NATIVA 
Аномалиа Натива е музичко дуо составено од артистите познати на клубската публика под имињата Анакреонт xy (Драган Иванов)  и Андрејналин (Андреј Д.). Нивниот стил на музика е подложен на најразлични влијанија, од џангл, драменбејс, хип-хоп, брејкбит, даб.. па и класична музика. Нивниот албум „Премногу дрско“ (2010) е првиот drum n’ bass албум во Македонија, а од неодамна љубителите на оваа музика можат да уживаат и во нивниот втор албум наречен „Attention“. „Feelin’ It“ е носечката песна на албумот за која Аномалиа Натива го направи и својот прв видео запис.

КESKO
Кеско e проект на младиот и амбициозен продуцент од Скопје, Владимир Кесковски (18)… Неговата музика е под влијание на Prodigy, RATM, SOAD Noisia, Chemical Brothers, Overseer, U.N.K.L.E. и тн., а неодамна го издаде својот прв албум за британската издавачка куќа DLA Black со наслов „Out of Sight“. На нашата промо забава СИГЕТ Македонија овој викенд, ќе настапи во придружба на гитара, тапани, вокал и визуелно шоу во соработка со Lazy Kidz Visualz.

HIGH CONTROL
Првиот официјален деби настап на Хај Контрол беше на ВинерФест во 2008-та година, каде истиот се пласираше во финалето во конкуренција од 60 бенда. Оттогаш па наваму составот има издадено два албума, има бројни настапи зад себе од кои два и на реномираниот Exit Festival во Нови Сад, нивните спотови се емитуваат на регионалниот музички ТВ канал MTV, a нивните нумери се дел од голем број хит плеј листи во регионот. Неодамна објавија нов сингл, најавија нов албум за оваа есен, имаат ново лого и нов вебсајт.

STEEL TEMPLE 
Стил Темпл се хеви метал бенд со примеси на прогресив и симфо рок. Имаат два албума зад себе („Барајќи го спасот“ 2004 годи “Nobody’s Slave”, 2007), а присутни се и на повеќе компилации… Еден од позабележителните моменти во нивната кариера е настапот како предгрупа на WHITESNAKE во Скопје (2006).

BLACK & VICE SOCIAL CLUB
Блек енд вајс сошл клаб се гараж рок-пауер трио од Скопје, предводено од Ади Имери (познат и како дел на String Forces, Јаболко за Даскалот, Last Expedition, соработник на Mooger Fooger и тн.), заедно со Милан Симовски (Dedicated for Life) и Горан Панговски (Wild Bunch, Онија)… Првиот сингл „Alone & Alive“ за кој што наскоро ќе има и спот, е предвесник за нивниот нов албум „…Until the road is a dead end“.

DAVE STANDS
Дејв Стендс се млад пост – хардкор бенд од Скопје. Изминатиот март го објавија својот деби албум ,,The Upward Motion”, а за себе велат дека сите во бендот имаат различен вкус на музика кој го комбинираат и добиваат целина со еден посебен динамичен бран. Се стремат кон уникатен звук, се трудат да не се ограничуваат премногу жанровски и музички за да не станат монотони, а во текстовите на нивните песни можат да се забележат различни тематики. Од почетокот на нивното постоење до денес имаа неколку измени во составот, а денес бендот го чинат Михаил Намичев и Александар Дренковски, Стефан Сајковски, Наско Џорлев и Марин Миленковски.

ЕПТЕН (вообичаено се потпишуваат со кратенката EП10) е младиот рок состав од Куманово кој ги освои поголемиот број ваши гласови. Нивниот прв албум е насловен како „Доста е” ,e реализиран во продукција на Рејхан Окановиќ (хрватски композитор, продуцент и гитарист), а Кирчо Арсовски (ТБ Трачери), Дарко Даутовиќ (хрвастки радио водител, композитор и гитарист) и Рејхан Окановиќ се јавуваат како автори на дел од песните. Во „Ти ми зеде сè” гостин изведувач е Бени од Нон Стоп, а песната „Мила” е дел од соундтракот на филмот As pik – Losa sudbina (Црна Гора)…

GLODARAGZ
Glodaragz е музичар кој што се занимава со композиција и продукција на разновидна музика од 2009 година. Тој е студент на Универзитетот за Аудио Визуелни Уметности – ЕСРА (Тонска продукција), каде што ги усовршува своите вештини и знаења во овие области.Неговите дела најчесто потпаѓаат во дабстеп и драменбејс, но може да се забележи силно влијание и инспирација од различни други креативни стилови на музика.Во септември 2012 година го издаде „The Music Trip EP“ а најново што може да се очекува од Glodaragz е неговото ново EP „We’ve Only Just Begun“ кое ќе биде достапно во јавноста после летото.

SMCK
М. Гоневски познат како Смек е македонски продуцент, диџеј и радио водител. Тој е меѓу првите македонски дабстеп и трап продуценти, радио водител на добро познатото радио шоу „Future Step“ (Идни жанри) на B-Ton Radio (Белград, РС) и МОФ Радио (Скопје, МК). Основач е и на музичката етикета  „GoldenPoint Records / GoldenPoint NetLabel“.



Врати се горе ↑