Видео 10502018_10153328807398007_3649550564713028050_n

24 мај, 2015

Шведска по 6. пат триумфира на „Евровизија“!

Синоќа се одржа големото финале од јубилејното 60. издание на „Евровизија“, во чии рамки се натпреваруваа 27 од вкупно 40 земји кои учествуваа годинава. Сосема очекувано, како што предвидуваа и обложувалниците, најголемите фаворити беа песните на Шведска, Русија и Италија, кои ги освоија првите три места, а на врвот секако дека се најде шармантниот Швеѓанец Монс Зелмерлоу и неговата „Heroes“! 

Со овој триумф Монс ѝ ја донесе шестата победа на Шведска, со што стана втората најуспешна земја во историјата на фестивалот, пласирајќи се веднаш зад Ирска, која сè уште го држи рекордот со седум победи, третото место со по пет победи го делат Франција, Луксембург и Обединетото Кралство, а четири пати победила Холандија. Исто така, Шведска е и единствената земја што победила два пати во 21. век. Меѓутоа, со освоените 365 поени, пејачот не успеа да ги собори рекордите на колегите Александар Рибак и Лорин, кои сè уште се победници со најголем број освоени поени (387 за Норвешка во 2009 година), односно најголем број 12-ки (18 за Шведска во 2012 година).

 

Со 303 поени, второто место го освои руската претставничка Полина Гагарина со нејзината „A Million Voices“, со 292 поени како третопласирани завршија момците од италијанското трио „Ил воло“ со прекрасната „Grande amore“, четвртото место му припадна на белгискиот претставник Лоик Ноте и „Rhythm Inside“, а високото петто место отиде во рацете на првиот претставник на Австралија, Гај Себастијан и неговата „Tonight Again“. Како што Ви пренесовме неодамна, Европската Радиодифузна Унија веќе ја разгледува можноста за земјата на кенгурите да стане постојан учесник во натпреварот, а заинтересирана за учество е и Кина, но каква ќе биде нивната одлука останува да видиме подоцна.

 

Што се однесува на балканските земји, највисок пласман имаше Србија, која со 53 поени освои 10. место, веднаш зад неа е Црна Гора со 44 поени и 13. место, Словенија со 39 поени и 14. место, Албанија со 34 поени и 17. место, а Грција заврши 19. место со освоени 23 поени. Најлош пласман годинава остварија Германија и домаќинот Австрија, чии песни не беа наградени со ниту еден поен, само 4 поени освои Франција, а 5 поени освои песната на Обединетото Кралство.

Доколку го пропуштивте синоќешното финале, истото можете да го гледате на „Јутјуб“.

Македонија претпоследна во првото полуфинале

Веќе се откриени и резултатите од сите три вечери, така што може да се види дека нашиот претставник Даниел Кајмакоски и неговата „Autumn Leaves“ освоиле 28 поени пласирајќи се на 15. место. Со овој пласман Даниел е вториот најлошо пласиран македонски претставник во полуфинале, после Есма и Лозано, кои во 2013 година исто така освоија 28 поени и завршија на 16. место од вкупно 17 натпреварувачи. 

За жал, Македонија ни овој пат немаше напредок на фестивалот, така што Елена Ристеска и понатаму го држи рекордот за највисок пласман на „Евровизија“, со освоено 12. место во 2006 година, а веднаш зад неа е Калиопи со 13. место во 2012 година. Само за потсетување, Македонската Радио Телевизија минатата година спроведе анкета дали треба и понатаму да учествуваме на „Евровизија“, но и покрај тоа што поголемиот дел изгласаа дека не треба да учествуваме, МРТ сепак реши да го прати победникот на „Скопскиот фестивал.

Дали треба да учествуваме следната година, дали да ја искористиме „формулата“ со Жељко Јоксимовиќ, чии песни постигнаа голем успех за повеќе балкански земји (Србија – 2. место за „Лане моје“ во 2004 и 3. место за „Није љубав ствар“ во 2012, како и 6. место за „Оро“ во изведба на Јелена Томашевиќ во 2008 година, БиХ – „Лејла“ во изведба на Хари Мата Хари освои 3. место во 2006 и Црна Гора – Кнез со „Адио“ освои 10. место годинава), или пак ќе се потпреме на традиционалните 7/8, останува да видиме подоцна годинава.

И.Ј.



Врати се горе ↑