Свет loreen

31 октомври, 2012

Шведска ги започна подготовките за Евросонг 2013

Благодарение на победата на Лореан, следната година Евровизија ќе се одржи од 14 до 16 мај 2013 година во Малме, Шведска, а веќе започнаа подготовките за овој грандиозен и спектакуларен настан. Но, оваа држава реши да ги премости културните разлики и нема да ја промовира само Шведска, бидејќи како што изјави извршниот продуцент на изборот, Мартин Остердахл, тоа не е во ред и се коси со оригиналните идеи на оваа манифестација од 50-тите години на минатиот век. Тој смета дека темелните вредности треба повторно да се постават на врвот – да се премостат културните разлики и да се пренесе порака дека сите луѓе се исти.

Во изминативе години на видеоразгледниците што се емитуваа пред настапот на секој изведувач се прикажуваа само убавините на земјата-домаќин. Тие беа наменети исклучиво за туристичка промоција.

„Нашата намера не е да се промовира само Шведска, туку на гледачите да им се приближат изведувачот, неговата песна и земјата што тој ја претставува. Затоа ќе се обидеме возбудувањето пред настапот на секој изведувач да биде што поголемо. Во разгледниците ќе вметнеме некои делови кои ќе направат поврзаност на сите три елементи. Не сакаме пејачот да биде анонимен за публиката. Сакаме поголема драматизација и возбуда кај гледачите“ – појаснува Остердахл.

Ќе има промени и во самиот концепт на програмата. Шведскиот тим истакнува дека постои голем потенцијал за развивање различни идеи кои ќе помогнат при реализацијата на Евросонг 2013. Најважно им е сите луѓе што ќе бидат присутни на изборот да се чувствуваат поврзано.  Остердахл исто така истакна дека имаат многу работа, но и илјада идеи и треба да се одберат најдобрите. Настапите и гласањето се неизоставен дел од програмата, а нивна цел е да ги исполнат кратките интервали меѓу нив со нешто посебно. Евросонгот во Малме ќе го води само еден водител, а Швеѓаните најавија и редуцирање на ЛЕД-екраните на сцена.

Добрите познавачи на евровизискиот избор предвидуваат дека Швеѓаните ќе направат и промени во концептот на гласањето во финалето со цел возбудата да ја подигнат на највисок степен.

Шведска последен пат го организира евровизискиот избор во 2000 година кога повторно внесе новитети. Во преносот првпат беа користени ЛЕД-екрани. Според најавите на шефот на шведската евровизиска делегација Христер Бјоркан, се планира во Евровизија да се вложат само 14 милиони евра. Нивното шоу ќе биде четири пати поевтино од годинашното во Баку, Азербејџан, каде што беа вложени 50 милиони евра.



Врати се горе ↑