Македонија 6-1

18 март, 2014

Шутка Рома Рап на форум на музика од светот во Франција

Пред да настапи на реномираниот музички форум „Бабел мед мјузик“ на 22-ри март во Марсеј, Франција, македонскиот состав Шутка Рома Рап ќе одржи концерти во Белград и во Љубљана. Раперите од скопската населба Шуто Оризари кои настапуваат со бенд во живо, вечерва (18-ти март) ќе свират во Културниот центар „Град“ во главниот град на Србија, додека утре (19-ти март), тие се во концертната сала „Менза при кориту“ во словенечката метропола.

По овие два настапи, екипата заминува за Франција каде што ќе биде единствен претставник од регионот на „Бабел мед мјузик“. На тридневниот форум ќе присуствуваат повеќе од 2500 професионалци од музичкиот свет, а ќе се одржат околу 30 концерти. Дел од програмата се и презентации и дискусии посветени на разни проблеми во музичката индустрија. Идејата на форумот е да се разменат искуства и да се воспостават контакти за понатамошна соработка. Во Марсеј ќе настапат бендови од Кина, Иран, Израел, Италија, Мали и голем број други земји.

Групата од Скопје лани го објави вториот студиски албум Me Sijum Underground (Јас сум андерграунд), кој излезе под етикетата на унгарската издавачка куќа „Фоно“ и се најде на високото осмо место на една од најпрестижните европски топ-листи „Ворлд-мјузик чартс јуроп“. Зад себе го има и деби-изданието „Шутка, моето родно место“. Музичарите имаат настапено и на некои од најпознатите европски фестивали како „Сигет“ во Унгарија и „Роскилде“ во Данска.

Шутка Рома Рап на почетокот на мај ќе бидат дел и од музичката манифестација „Балкан трафик“ во Брисел.



Врати се горе ↑