Настани ShutkaRomaRap

7 јуни, 2013

Шутка Рома Рап и ЗАА се приклучуваат на Баскер Фест

Додека го очекуваме нашето омилено време од годината кога со Баскер Фест, Скопје преку ноќ се претвора во десетдневен „стрит-арт“ град на забавата, фестивалот кој годинава ќе се одржи од 14 – 23 јуни, ја надополнува листата на артисти со нови атрактивни имиња, како Шутка Рома Рап, ЗАА, Framnes Folklore Ensemble, Timing Diagrams, Millko, Pumpers, Бојан Шамба.

На 22-ри јуни, во рамките на Баскер Фест ве очекува концертот на провокативните, бунтовни, горди и гласни, ШУТКА РОМА РАП. Уште од раните деведесетти години, младината во урбаните ромски заедници ширум Европа создава нов, не-конформистички идентитет за себе, адаптирајќи ја хип-хоп културата на нивната локална средина.  Едно од жариштата на ова движење кај нас е населбата Шуто Оризари, од каде доаѓа и Шутка Рома Рап колективот. Овие млади артисти израснаа во бенд после успехот на компилацискиот албум од 2010 година на кој учествуваа најдобрите рапери од Шутка, а зад себе веќе имаат и значајно интернационално искуство настапувајќи на големите европски фестивали како „Роскилде“, „Сигет“ и други.

Кон музичката програма за овој ден се приклучува и регионалниот кросовер реге феномен ЗАА, бендот од Србија кој започна со работа во 2008 година. Нивната музика ја карактеризира разновидноста во стилскиот израз, базирана на ска корените со различни влијанија од џез до панк звук. Од самиот почеток бендот започна со интензивни концертни активности по клубовите и фестивалите во регионот и Европа.  До сега имаат одржано над 120 концерти, но и настапи на натпреварски фестивали во чии рамки имаат освоено повеќе награди. Самостојно имаат објавено два студиски албуми, првиот насловен „ЗАА“, а потоа и „Good Times“ кој од критиката е означен како еден од најдобрите реге албуми. Целокупната нивна дискографија, вклучувајќи го и EP изданието „Foot by foot“ и двојниот сингл „Full scale riot/Moonlight“  е достапна за бесплатно преземање од нивниот официјален сајт  www.zaa.rs . Вистинското „ворлд-мјузик“ заокружување на вечерта на 22-ри јуни, доаѓа и со поинаквиот пристап кон балканскиот звук кој на публиката на Баскер Фест ќе ѝ го претстават гостите од Шведска, Framnes Folklore Ensemble.

Исклучително аудио-визулелно искуство Ве очекува и на 20-ти јуни со TIMING DIAGRAMS, проектот зад кој стои МАРКО БАТИСТА. Марко е академски мултимедјален артист, истражувач на современиот звук, видео експериментатор и аудио-визуелен изведувач кој доаѓа до Словенија. Неговата работа до сега била дел од повеќе интенационални проекти со кои учествувал на бројни реномирани фестивали на современата уметност ширум светот. Веднаш по неговиот перформанс, вечерта ќе продолжи со настапите на инди рокерите MILLKO, битолската рок група PUMPERS и диџеј сетот на Бојан Шамба.

На Баскер Фест веќе се потврдени и настапите на Del Arno Band, Foolish Green, Eyesburn, Зад Аголот, Подземан Ефект, DJ IrieScratch, a не смеете да го пропуштите и шоуто на новозеландската спектакуларна психоделик-рок атракција Starboy’s Steampunk Burlesque Circus Express, како и Il posto, Диого Алварес, Bikerina, Jay, кои се само дел од стотината артисти од програмата на фестивалот.



Врати се горе ↑